Сушата го наплати данокот кај пелагониските земјоделци

Долгиот сушен период ги преполови приносите на пелагониските парцели што се надвор од мрежата за наводнување на „ХМС Стрежево“. Земјоделците во очај велат- со родот од пролетните култури тешко дека ќе ги покриеме направените трошоци. Во овој дел на Пелагонија веќе четврти месец нема ниту капка дожд, а тоа создава дополнителни проблеми во пресрет на подготовката на нивите за есенската сеидба.

Сушата го преполови родот на пролетните култури во пелагониските парцели до кои не стигнува стрежевскиот систем за наводнување. Најпогодени се полињата насадени со пченка, сончоглед и тутун. Со вакви приноси не ќе можеме да ги покриеме ниту трошоците- велат земјоделците.

За жедните ниви недоволни биле количините на вода, што со пумпи ги ваделе од блиските канали. Велат, не паметат кога последен пат, за четири месеци во овој дел од Пелагонија да нема ниту капка дожд.

Спасот единствено го гледаат во интензивирањето на активностите за проширување на наводнувачката мрежа на системот „Стрежево“, односно проектот капка по капка започнат минатата година. Со тоа би биле дел од системот кој во моментов има инсталирана мрежа за 22.000 хектари.

Обично за користење на услугите се пријавуваат околу 8.000 хектари, за кои годишно „Стрежево“ испорачува околу 40 милиони метри кубни вода за земјоделието.

Share Button