Ако сакаме успех, политиката да ги тргне рацете од земјоделието, порачува земјоделецот Стеван Стојановски од Долна Чарлија

stevan

Стеван Стојановски (59) земјоделец од селото Долна Чарлија, е еден од поголемите производители на пченица, пченка, сончоглед и тутун во Пелагонија. Долна Чарлија пред две децении броела 370 жители, а сега во селото се останати само 120 и тоа претежно во поодминати години. Помладите го заобиколуваат земјоделието и повеќе го сакаат модерниот начин на живот „кафе на Широк сокак“, раскажува Стојановски  кој  сериозно е посветен на земјоделието. Неговото семејство обработува 25 хектари земјоделско земјиште во атарот на селото, дел во негова сопственост, а дел под закуп.

-Произведувам пченка од 40 до 70 тони во зависност од приносите, сончоглед  до 15 тони,  пченица од 60 до 70 тони,  а семејно, јас сопругата и синот произведуваме годишно  до 1500 килограми тутун, вели нашиот соговорник во разговор за „Зелена берза“.

-Ако се земе пресметката колку сум вложил финансии за производство на овие култури тутунот најповеќе се исплаќа да се произведува. Едно четиричлено семејство ако работи тутун може да призведе околу 4 тони, но трошоците се големи, иако лани имавме добри цени, вели Стојановски.

Овој  искусен земјоделец  предочува дека на секој земјоделец потребна му е добра земјоделска механизација и примена на добри агротехнички мерки за побогат род , како и тоа секоја активност да биде изведена на време.

-На земјоделците џебот им е плиток, ние имаме пари кога не треба. Еве на пример во месец март  треба да вложам одредена количина на средства, а ги немам. Пари  од родот ќе добијам во април, доцнам со работите и тоа ми се одразува на  приносите. Значи ако не е навреме сработено нема да имате добри резултати. Земјоделците имаат многу маки, зошто  парите што ги добиле,  претходно ги вложиле, вели Стојановски.

Овој земјоделец апелира до државата да води повеќе грижа за земјоделието и однапред една година да ја одреди откупната цена на пченицата, пракса насекаде во светот.

-Државата ни вели- ако не ви се исплаќа пченицата не ја произведувајте. Но овде во Пелагонија има огромни површини кои не може да се засадат само со пиперки и домати. Значи мора да има пченица и сончоглед. Како што државата става на секој производ номинална вредност  и во овој дел треба плански да настапува, да се каже една година однапред цената на пченицата, па кој сака да произведува пченица нека пресмета дали ќе му се исплати или не. Тогаш  и земјоделец ќе знае во што да вложи.  Така е насекаде во светот. Очигледно  државата се плаши да не загуби, критикува Стојановски.

Што се однесува до субвенциите и државните мерки за помош на земјоделците Стојановски апелира,  политиката да стои настрана од земјоделието.

-Државата мора да размислува за нов начин на финансиска поддршка на земјоделците, особено во делот кај помошта за млади земјоделци, зошто тоа е само на хартија. Помошта и распределбата на парите од државата за земјоделците мора да биде транспарентна,  вистинските земјоделци многу малку успеваат да земат нов трактор за разлика од оние кои фиктивно ги прикажуваат работите. Тука најмногу има поврзаност со политиката. Ако во земјоделието влезат вистински стручњаци што нема да ги интересира политиката, работите во земјоделието ќе тргнат на добро. Но, сметам дека тоа  е многу тешко, особено во Платежната агенција, вели Стојановски, раскажувајќи го своето лично искуство.

-Јас  шест години аплицирав за трактор и на шестата година го добив.  Ми рекоа- ако имаш некој млад земјоделец во семејството тој побрзо ќе добие трактор. Јас им вратив- имам син , но тој не оди на нива, бидете благодарни што земјоделието го работиме ние со побелени коси, раскажа искусниот земјоделец Стојановски, член на здружението „Зелена берза“, кој деновиве ја посети обуката „Колку чини моето производство“ , организирана од Здружението во просториите на „Синпекс“ Битола.

 

„Зелена берза“

 

 

Share Button