Алкохол: светскиот пазар тежи трилион долари – Македонија нето извозник

Водечки пазарен сегмент се пивото и жестоките алкохолни пијалаци со определен вкус кои држат половина од пазарниот удел. Македонија повеќе извезува отколку што увезува. Алкохолот е добар бизнис за компаниите но може да биде и сериозен проблем за луѓето – 5% од светската популација страда од алкохолизам.

Светскиот пазар на алкохол тежи над трилион долари!

Според истражувањето на MarketLine, светската потрошувачка на алкохол надминува трилион долари. Нивните анализи покажуваат дека годишно се пијат преку 210 милијарди литри.

Водечки пазарен сегмент се пивото и жестоките алкохолни пијалаци со определен вкус кои држат половина од пазарниот удел.

Според Светската здравствена организација топ 10 земји според потрошувачката на алкохол по глава на жител се: Молдавија со 17.4 литри, Белорусија со 17.1, Литванија со 16.2, Русија со 14.5, Чешка со 14.1, Црна Гора со 13.3, Романија со 12.9, Србија со 12.9, Австралија со 12.6 и Словачка со 12.5 литри. Во истиот извештај Македонија е на 99 место со проекција за годишна потрошувачка од 5.7 литри во 2015-та. Од друга страна најмалку алкохол се пие во Пакистан, Либија, Бангладеш, Сомалија и Авганистан, по помалку од 0.1 литар по жител.

Според податоците на IWSR, фирма за истражување на пазарот, најпопуларен жесток алкохолен пијалак во светот е вотката чија потрошувачка изнесува 4.44 милијарди литри годишно, од кои, речиси 2 милијарди отпаѓаат на рускиот пазар. На второто место е румот со вкупна потрошувачка од 1.47 милијарди литри. На третото е вискито со 0.86 милијарди литри. По вискито, следува џинот со 0.44 милијарди литри, а на петтото место е текилата со 0.23 милијарди литри глобална годишна потрошувачка.

Неодамнешната компаративна анализа објавена во научното списание Addiction покажува дека околу 5% од светската возрасна популација (240 милиони луѓе) е зависна од алкохол. За зависни се сметаат луѓето кои компулсивно пијат, немаат контрола врз пиењето и не можат да престанат дури и кога се свесни за проблемите.

Македонија има долга традиција на производство

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз.

Традицијата на производство на пиво е релативно долга. Првите пиварници, Скопската и Прилепската, биле отворени истата 1924-та година. Освен домашните брендови Скопско и Златен даб овде се прават и Амстел и Хајнекен. И двете фабрики постојано ја шират палетата на производи кои ги нудат.

Виното има уште подолга историја, се произведувало на овие простори уште во времето на Римската Империја. Денес во Македонија има околу 90 регистрирани винарии. Годишно произведуваат по околу 100 милиони литри вино и многу помалку ракија.

Македонија повеќе извезува отколку што увезува алкохол, но тоа пред се се должи на виното. Од друга страна речиси 100% од жестоките пијалаци доаѓаат од увоз.

Во Македонија пивото е број еден пијалак!

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) пивото е број еден алкохолен пијалак во Македонија. Секој возрасен граѓанин годишно консумира по 12.5 литри пиво, 1.8 литри вино и 0.65 литри жестоки пијалаци покажува анализата „Потрошувачката на домаќинствата“.

Според Светската здравствена организација во земјава се пијат по 5.7 литри алкохол: 50% пиво, 40% вино, а само 10% жестоки пијалаци.

Институтот за вино од Калифорнија тврди дека во земјава се пијат по 42 литри вино, а според годишните извештаи на пиварниците се трошат по околу 27 литри пиво.

Разликата во податоците се должи на методологијата, ДЗС не ги зема предвид домашното вино и ракија, Институтот за вино и СЗО се повикуваат на анкети.


 

денар

Share Button