Црнозем – најквалитетната земја во рацете на модерните капиталисти

Црнозем (чернозем анг.black soil) претставува најплодно земјиште за одгледување на многу европски земјоделски култури. Најмногу плодно земјиште се наоѓа во Украина, дури 33% од вкупните површини во светот.

Црнозем (чернозем анг.black soil) се смета за најплодно земјиште за одгледување на најголем број од европските земјоделски култури. Настанува под влијание на континентална и степска клима. Такво земјиште, може да се најде на територијата на континентална Европа, Западна Русија, како и на подрачјето на Северна Америка и Канада. Најмногу плодно земјиште се наоѓа во Украина, дури 33% од вкупната површина во светот. Пред почетокот на воените дејствија во 2014 година, Украина имала 32 милиони хектари црно земјиште. Една интересна приказна, раскажува дека во текот на Втората светска војна, Германците го забележале богатството кое го овозможува црноземот, во тогашната окупирана Украина. Во текот на окупацијата, со возови ја одвезувале црницата во Германија.

Иако Украинската економија, долги години се наоѓа на самото дно на развојната скала, агробизнисот е еден од секторите кои нудат раст и привлекуваат инвестиции. Поволната географска положба на Украина, посебно плодното земјиште, аграрната инфраструктура и релативно ефтината работна сила, го прават земјоделскиот сектор, исклучително конкурентен. Во земјата, во последните неколку години е постигнато многу. Украина нуди богатство од можности.

Многу земјоделски стопанства во Украина и понатаму користат крави и коњи

Според големината на земјоделските стопанства, структурата на земјоделството во Украина се дели на големи стопанства со неколку илјади, се до неколку стотици илјади хектари земјиште. На пример, типичното агро – холдинг производство, се реализира на околу 10 000 хектари. Неколку организации имаат и над половина милион хектари земјиште. Од друга страна, постојат и мали традиционални земјоделски фарми, со помалку од 10 хектари. Додека големите земјоделски организации ја обработуваат земјата со најмодерна технологија, традиционалните не се поместиле од технологијата на употреба на крави и коњи.

На прв поглед, модерното земјоделство во Украина изгледа импресивно за поранешна земја на Советскиот сојуз. Реформата во земјоделството, во земјите на источниот блок, се однесувала пред се на колективизацијата. Колективизацијата, подразбирала големи реформи во земјоделскиот сектор во Советскиот сојуз. Почнувајќи од 1927 година, колективизацијата била насочена на консолидација на поединечните селски имоти и работа на колективни фарми. Просечната големина на колективните фарми била околу 1500 хектари. Главно, секое село имало свој облик на колективна фарма. Колективните фарми требало да бидат пресврт во советско – социјалистичката идеологија: заедница на среќни работници кои работат во целосно блаженство и согласност, во корист на целата голема држава. Но, реалноста била далеку од идејата. Колективизацијата и овозможила на државата да преземе контрола над земјоделскиот сектор.

Мораториум за продажба на земјиште

Во деведесетите години на минатиот век, кога Украина стекна независност, колективните фарми, започнаа да пропаѓаат како кула од карти. Повеќе милиони поранешни работници во земјоделскиот сектор, добиле удел над земјоделското земјиште. Во просек едно учество изнесува 2 хектари. Некои семејства поседуваат и по неколку делови. Едноставно речено, на пример, после распаѓањето на колективните фарми од илјада хектари, производните површини, поделени се на делови по 2 хектари. Моментално, многу од сопствениците не се во можност за одржливо управување од повеќе причини. Нестабилна политичка и економска ситуација, заостаната технологија, недоволно знаење, како и недостаток на потребниот капитал. Од таа причина, сопствениците се принудени на изнајмување земјиште на големите организации, додека плаќањето на наемот, најчесто е во килограми пченица, наместо во пари.

Мораториумот забранува продавање на делот од земјоделското земјиште или било каква промена во намената на земјиштето. Исто така, забранува додавање вредност во основниот капитал. Од друга страна, пак, мораториумот дозволува, изнајмување на земјиштето, размена за дел со иста вредност и наследување.

Отвореното тргување со земјиштето би требало да почне во 2019 година. Сепак, тоа зависи од политичката волја на државата. Големите корпорации, веќе неколку години акумулираат капитал. Според прогнозите, се очекува на почетокот, цената на земјиштето да биде мала, но за неколку месеци, ќе се зголеми неколкупати. Вредноста на самото земјиште ќе се однесува на законот за понуда и побарувачка.

Капиталистите го земаат земјиштето

Многу плодни хектари се во рацете на големите земјоделски организации. Во последните неколку години, Украина, наспроти високата стапка на корупција, станува се попривлечна за странските инвеститори. Агробизнисот, е многу значаен сектор за економијата во државата. Од таа причина, државата на различни начини се обидува да помогне при пронаоѓањето на странските инвеститори.

Западните капиталисти, во Украина се присутни веќе неколку години. Тие го земаат земјиштето под наем, купуваат земјоделски објекти, вложуваат во технологија, во знаење…Со правилно менаџирање, враќањето на инвестицијата е релативно брзо, затоа што трошоците при вложување, главно не заземаат значаен дел во производството. Со модерните, западни технологии, многу земјоделски фарми, за само неколку години неколку пати ја зголемиле продуктивноста, во однос на традиционалните производители.

Со големите земјоделски машини се поместуваат границите во земјоделството. Во текот на жетвата, на украинските полиња, може да се видат флоти од најголеми комбајни, еден зад друг, кои заедно косат над 100 метри ширина со едно поминување. Модерни камиони одвезуваат тони и тони житарици од полето. Огромни трактори, со по неколку стотини киловати, ја обработуваат земјата со агрегати, во зафат од над 12 метри. Паметното земјоделство (анг. Smart Agriculture), е еден од највлијателните трендови во последните години на земјоделскта пракса, а се очекува годишно зголемување за 10 – 15%. Таквите технологии, воглавно, прво ги прифаќаат сопствениците на странските земјоделски организации, а подоцна ги прифаќаат и домашните сопственици.

Се ова ја доведува Украина до позицијата на глобален конкурент во земјоделскиот сектор. Украина е најголем производител на сончоглед во светот, најголем производител на сончогледово масло, трет светски извоник на јачмен, пченка и маслена репка. Според статистичките податоци од 2017 година, над 3 милиони хектари земјоделско земјиште се наоѓало во рацете на странските сопственици.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

Share Button