Државата пет години со ред не им ги исплаќа штетите од невремето на пелагониските земоделци

Пелагониските земјоделци ставуваат дека и оваа година нема да бидат обештетени од невремето и градот, бидејќи пет години не зеле пари од државата  за штетите причинети од природни непогоди врз нивните посеви.

Во разговор за „Зелана берза“ земјоделци од селата Српци, Вашарејца, Беранци и Ивањевци велат дека не се оптимисти дека оваа година ќе им бидат надоместени штетите кај тутунот, пченката, пиперот и бостанот, оти со години не ни  зеле пари за штетите од државата иако поднесувале барања до Општината и Комисијата за проценка на штетите излегувала на терен.

-Не верувам дека  овој пат ќе земиме пари како обештетување од невремето. Дали знаете дека и лани настрадаа нашите ниви, па никој пари не виде од државата. На секое наше прашање ни одговораа  дека треба да почекаме да бидеме стрпливи- ама до кога? Лани ми настрада и тутунот и житото, исто е  и оваа година, вели земјоделец од Српци, кој сакаше да остане анонимен.

Производител на тутун од Вашарејца вели дека со тракторот веќе влегол во нивата, бидејќи нема што да собере од родот по невремето.

– Целиот тутун ми остана на нива, на земја, го туркаме веќе и нема што да собереме. Државата мора да застане на страната на земјоделците да ни помогне, зошто бившата власт не не обештети воопшто од невремето во изминатите пет години, ни велат доволно е тоа што земате  субвенции. Каде е правдата, вели земјоделецот Н.Н од Вашарејца.

Дека земјоделците  од Пелагонија  не зеле пари од државата како обештетување од невермето во изминатите години за „Зелена берза“ потврдува и претседателот на Советот  на Општина Могила, Александар Јанкуловски. И, не само тоа туку се уште не им исплатени парите ниту од поплавите во 2015 година кога Општина Могила беше под вода, а најмногу настрадаа селата Вашарејца и Ношпал.

-Не се исплатени штетите од градот  за неколку години, почнувајќи од 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година.  Исплатено е само обештетување од поплавите што се случија во 2015 година кога настрадаа посевите на голем  број земјоделци од нашата општина , но и тоа обештетување не е во целост, бидејќи уште 70 барања за обешететување  од поплавите не се исплатени, потврдува Јанкуловски.

Според неговите проценки  над 200 земјоделци ќе бараат обешететување од невремето  кое минатата сабота ги зафати атарите на селата Српци, Беранци, Вашарејца и Ивањевци.

Откако Советот  прогласи природна непогода по силното невреме проследено со град кое направи штети од 70, а некаде и до 100 проценти на земјоделските посеви, Општина Могила формира Комисија за проценка на штетите од елементарни и природни непогоди и повика земјоделците да ги пријават штетите.

-Земјоделците имаат рок на пријавување до денес, (16 јули) за тоа време очекуваме да се пријават од 200 до 250 земјоделци кои ќе бараат обештетување за штетите од невремето во селата Српци, Беранци, Вашарејца и Ивањевци. Морам да напоменам дека на обешететување чекаат и земјоделците од Могила и Радобор чии ниви настрадаа минатиот месец кога исто така имаше невреме. Тогаш беа поднесени 188 барања. Очекуваме вкупно за двете непогоди да се соберат од 400 до 450 барања, изјави Јанкуловски.

Според него Комисијата  започнува со проценка на штетите од вторник,(17 јули) кога ќе излезе на терен да  види во каква состојба се нивите со тутун, жито, пипер и други култури.

„Зелена берза“

Share Button