Екстра класа на сурово млеко се молзи во фармата „Дуброво“ на Љатиф Бејаз

Љатиф Бејаз, сопственик на фармата „Дуброво“ кај Неготино, има една цел, дневно да произведува 10 тони сирово млеко. Ова не е само сон туку лесно остварлива реалност ако се знае дека краварската фарма  брои 160 грла молзни крави и дневна испорака на преку 3000 литри млеко, што ја прави еден од  најголемите и најстабилните кооперанти  на битолската млекарницата „Бимилк“.

Фармата на Бејаз расте со новите инвестиции во примарното производство на млеко за обезбедување на квалитетна суровина, но и со активностите и мерките кои „Бимилк“ ги презема за поддршка на своите кооперанти. Плановите на „Дуброво“ се да  стигне и до 5000 литри млеко на ден.

-Покрај 160-те грла молзни крави, располагаме и со уште нови 170 стелни јуници и телиња, а планираме и ново зголемување на сточниот фонд. Во поблиска иднина планираме и друга инвестиција. Нашата цел за 2018 година е инсталација на централно молзилиште и унапредување на нашата комплетна механизација со цел да стигнеме до нашата крајна цел, а тоа е 10 тони млеко на ден, вели Љатиф Бејаз.

Високиот квалитет на суровото млеко и сигурниот пласаман на производот во „Бимилк“ ја прави фармата „Дуброво“ уште поголема и позначајна за да се поддржи и инвестира во неа.

-Битолска млекара е најголемиот млекопроизводител во Македонија и среќен сум што тие го откупуваат нашето млеко, за кое гарантирам дека е со највисок квалитет. Суровото млеко од краварската фарма „Дуброво“ има под 100.000 микроорганизми во милилитар млеко и под 200.000 соматски клетки, што според регулативата спаѓа во екстра класа на сурово млеко,потенцира Бејаз.

Според него еден од најчестите проблеми  со кој се соочуваат млекопреработувачите е недостигот од квалитетно сурово млеко. Токму затоа заклучува дека  Битолската млекара во фармерите гледа партнери  на кои им е потребна поддршка со цел да се зголеми  нивната ефикасност.

-Унапредување на квалитетот на примарното производство на млеко т.е. сировина, преку континуирано инвестирање во своите кооперанти, е целта  на „Бимилк“, вели тој.

Директорот на суровина во „Бимилк“  Драган Илиевски,  се надоврзува дека млекарницата, како најголем млекопроизводител во земјата, континуирано инвестира во македонската млечна индустрија на повеќе различни начини, но првенствено токму преку поддршка и вложување во примарното производство на млеко.

-Важно е да се напомене дека кога има недостиг на млеко на пазарот, веднаш паѓа квалитетот затоа што  млекарниците се борат да го откупат секој грам од фармерите. Знаејќи го ова, ние континуирано вложуваме во квалитетот на суровото млеко и во стимулативни мерки за што поголемо млекопроизводство и истовремено, ги откупуваме сите расположливи количини на млеко од нашите кооперанти кои ги задоволуваат најстрогите стандарди, потенцира Илиевски.

Од најважните инвестиции тој ги истакнува пред сѐ увозот на 1.300 јуници од земји од Европската унија за партнерите кооперанти на „Бимилк“. Само во последните неколку години, на овој начин, млекарницата успеа да го зголеми откупот на сурово млеко за 30 проценти.

-Минатите години доведувавме консултанти, фармери-специјалисти по менаџмент на фарми од Холандија, а пред неколку години инвестиравме преку 700.000 евра во системот за ладење на млекото на откупните места (лактофризери). Првата фаза со лактофризерите е веќе зад нас и успешно завршена, а во меѓувреме  инвестираме во знаење. Дополнително, даваме поддршка и сервис на фармерите во купување на земјоделска опрема, опрема за молзење и сточна храна,  набројува директорот на суровина на „Бимилк“ и додава дека млекарницата не се двоуми да го искористи сопствениот финансиски потенцијал со цел да се подигне производството на сурово млеко во Македонија.

 

автор „Зелена берза“

 

Share Button