Есенска математика за традиционалната зимница

zimnica

Граѓаните мака мачат како да подготват зимница. Велат со платите и пензиите одвај се преживува, а за подготовка на семејството за зима речиси и да не остануваат пари. Повозрасните велат дека иако е скап зеленчукот, зимница мора да се направи.

„Тој што има пари се исплати да прави зимница, оние кои немаат не им се исплати. Но, тие што имаат пари си купуваат готова, не се мачат.“

„Се исплати да се прави, како не се исплати. Цените се високи, ете везен пипер многу е скап, 50 денари за килограм скапо е. Скапи се и за ајвар 30 денари.“

„Можеби не се исплати, затоа што на пазар има се да се купи, не е како порано, ама имаме навика. Си викам не е купениот како домашен. Иако многу повеќе време и труд треба за да се спреми зимница можеби поефтино е да се купи готово, ама нешто правиме дома, нешто купуваме готово“, рекоа анкетираните граѓани.

Продавачите на најголемиот пазар на големо во Скопје „Бит Пазар“, велат дека од година во година се намалува побарувачката на зеленчук и овошје за подготовка на зимница.
„Па овие денови почнаа по малку да купуваат. Но, слабо е граѓаните немаат пари, имаат проблем да крпат крај со крај.“

„Со што да купат граѓаните? Јас прашувам со што да купат? Мислите дека луѓето не сакаат, сите сакаат ама немаат со што да купат. Толку им се можностите“, додаваат граѓаните.

Инаку, за да се подготват барем десет тегли ајвар потребно е да се купат најмалку 50 килограми пиперки, за нив треба да се одвои 1500 денари. Заедно со останатите состојки само за намирниците за подготовка потребно е околу 1700 денари, плус струја или дрва за негова подготовка а работната рака е гратис.

Ако на оваа математика се додаде и подготовка на туршија и расолница секое домаќинство отприлика треба да оддели минимум сто евра за да подготви зимница, без да има компоти и домашни џемови во зимското мени. Оние кои не сакаат да подготват ајвар дома може да го купат по цена од 200 до 300 денари за тегла од мали семејни работилници кои подготвуваат зимница за домаќинките кои немаат услови или време за негова подготовка.


 

алсатм

Share Button