Гоце Кантаровски, сточарството е нашата егзистенција, треба да имаме полесен пристап до државно земјоделско земјиште

Гоце Кантаровски, сточарството е нашата егзистенција, треба да имаме полесен пристап до државно земјоделско земјиште

 

автор „Зелена берза“

 

Кога стоката и млекото  ти се единствената егзистенција за семејството, не ти преостанува ништо друго освен работа и само работа. Вака во една реченица го опишува својот живот познатиот сточар од Могила, Гоце Кантаровски (60) кој целиот свој работен век се занимава со сточарство.

Кантаровски во аферата „Сведмилк“ зaгуби над 20 илјади евра за предаденото, а неисплатено млеко, но тоа не го спречи да продолжи да се занимава со сточарство и да го зголеми сточниот фонд за речиси половина повеќе од пред пропаѓањето на млекарницата во 2010 година.Тогаш имаше околу 40 грла добиток, а сега неговата фарма брои над 70 молзни крави, телиња и јунци. На фармата чува и неколку прасиња , а лани  купил и коњ од расата „кафингер“.

-Сточарството е нашата егзистенција, од тоа се прехранува моето шест члено семејство. Јас, сопругата, синот, снаата и двете внучиња работиме на фармата и обработуваме ниви. Тоа е нашиот живот зошто други приходи немаме. Никој од нас не работи на државно или во фабрика. Со работа со стоката ја студирав и мојата ќерка, сега е лекар и е на специјализација во Германија. Всушност и сточниот фонд го зголемив заради школување на ќерката, зошто кога беше млечната криза секој месец продавав по една крава за студиите во Бугарија. Но, тоа помина, потоа почнав со работа, со вложување да одам нагоре. Горд сум што чесно и со труд заработува моето семејство. Се вложуваме  максимално, вели Кантаровски.

Се присетува дека не само што ги изгубил парите во „Сведмилк“ туку уште повеќе заглавил во долгови со извршители заради неплатените сметки околу фармата, за што вели дека единствено со работа успеал да се издигне од проблемите и да напредува.

Сега сточарот од Могила секој ден во млекарница предава над 350 литри млеко за откупна цена од околу 20 денари за литар, вели дека според сите пресметки за трошоците за производство, млекото не би требало да се откупува под 25 денари за литар.

-Трошоците за одржување на фармата и воопшто цената за производство на млекото од ден на ден се повеќе растат, затоа сметам дека исплатливо би било еден литар млеко да не е со пониска цена од 25 до 26 денари. Каде е нафтата, семенскиот материјал, се’ се поскапи од пред десеттина години и затоа оваа актуелна цена на млекото е неиплатлива, но таков е договорот меѓу откупувачите и тука сме немоќни без интервенција на државата, вели Кантаровски.

Тој оценува дека шеесет до седумдесет отсто од сточарството во Пелагонија и воопшто во државата е уништено во последната деценија.

-Сточарството во државата нема позитивна слика. Од ден на ден се уништуваат цели стада крави. Од друга страна државата за лани се уште нема исплатено или доисплатно субвенции за предаденото млеко. Само да кажам дека за едно грло  добиток  да се прехрани потребно е да се обработува 1 хектар земјиште со култури кои значат храна за стоката. А тоа не е случај кај нас, заклучува овој сточар.

Скапата храна и немањето доволни количини сточна храна, се најголем проблем за пелагониските фармери. Друг проблем е немањето земјиште на кое би произведувале добиточна храна со што долгорочно би го решиле недостигот. Затоа, Кантаровски вели дека сточарите треба да имаат поголем пристап до државното земјоделско земјиште кое ќе биде наменето само за фармерите и исклучиво за производство на сточна храна.

За потребите на фармата ова семејство обработува над 30 хектари земјоделско земјиште одгледувајќи повеќе култури за прехрана на добитокот.

-Произведувам пченка, исто и пченка за силажа, пченица, јачмен и така успевам да излезам накрај  со трошоците за храна за стоката. Купувам единствено ќуспе, соја,  витамини,зошто ако сточарот ја купува сета храна за стоката тогаш ќе пропадне. Нема да има полза од произвдството на млеко. Како индивидуален земјоделец мора да внимаваш на трошоците за одржување на фармата, инаку ситуацијата лесно ќе ти избега од контрола, советува Кантаровски.

Годинава од земјоделските култури единствено предал 6 тони пченица, за 8 денари по килограм кај откупувач во Могила. Не е задоволен од откупната цена на житото и револтирано вели дека откупувачите им го земаат ќарот на земјоделците. Апелира до државата повеќе да ги заштитува земјоделците, а не трговците.

 

„Зелена берза“

Share Button