Источниот плански регион очекува 50 милиони денари за рурален развој

Околу 50 милиони денари од државни и од меѓународни фондови треба да добијат општините од Источниот плански регион како поддршк а на руралниот развој.

Со овие средства треба да се финансираат четири поголеми инфраструктурни проекти за што веќе се поднесени апликации до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и УНДП.

На седницата што ја одржа Советот на градоначалници од Источниот плански регион беше дадена согласност грантот од 33 илјади евра од УНДП, да го добие Општина Виница за рехабилитација на интернатот во селото Блатец, со што ќе се создадат услови за отворање центар за деца со посебни потреби.

-Со парите што ги добивме ќе биде поставена термофасада на објектот и комплетно ќе се заменат постојните прозорци и врати. Обврска на нашата општина е да кофинансираме во поправката на кровната конструкција, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој општина Кочани очекува да добие 15 милиони денари за изградба и асфалтирање на патот од селото Оризари до туристичкиот локалитет Добра Вода, додека за општина Карбинци треба да се наменат 20 милиони денари за изградба на пристапни патишта до планинските села и туристичката населба Вртешка на Плачковица.

Уште 10 милиони денари се планирани за општините Зрновци, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица, Пехчево, Карбинци, Виница и Кочани за изградба на 11,5 километри полски патишта, за што веќе е поднесен проект до МЗШВ.

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, кој присуствуваше на седницата изрази задоволство од координираноста на Советот на градоначалници од Источниот плански регион и рече дека се преземаат активности за утврдување на диспаритетот во развиеноста на регионите.

-Следната недела ќе започне постапката за анализа на степенот на развиеност на сите плански региони во Македонија, која ќе се реализира во соработка со Амбасадата на Швајцарија. Притоа, ќе бидат вклучени експерти од оваа област за да се добијат релевантни податоци од анализата, која очекувам да биде готова за краток период, истакна Фазлиу.

На редовната седница градоначалниците од Истокот разговараа и за координирање на акциите за прскање против комарците во регионот, како и за проблемот со бездомните кучиња.


 

а1он

Share Button