Јулското невреме во Струмица предизвика штети од половина милион евра

Повеќе од половина милион евра е штетата од невремето што ја зафати општина Струмица на 7 јули. Општинската Комисија за проценка за штети по извршениот увид констатирала дека биле уништени земјоделски посеви на околу 103 хектари, од кои најмногу во населените места Муртино и Сачево. Вкупно 358 барања биле доставени до Комисијата која информираше дека најмногу штети има кај посевите со црвена пиперка.

„Вкупен износ на штетите изнесува 34.397.748 денари, вкупно оштетени земјоделски површини 102,6 хектари“ – изјави Ацо Ѓеоргиев, претседател на Комисијата.

Посевите во Струмичко настрадаа најмногу од градот кој со големина на лешник паѓаше во Струмичко. Од Министерството информираа дека се работи на активирање на градобијните системи.

„Воведување на сосема нов автоматизиран компјутерски центар и мапирање на сите точки во државата каде што треба да инсталираме антиградобијна опрема“ – вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

Деновиве тече проценката на штетите и во општините Гевгелија и Валандово. Таму настрадаа посевите кај Негорци и Конско, но и во валандовско Грчиште.

Владата допрва ќе одлучува дали и со колкав процент ќе биде обештетување на земјоделците.


 

24мк

Share Button