Како да составите балансиран оброк за кравите?

Балансирање на оброкот, всушност претставува обезбедување на хранливи материи кои ги задоволуваат потребите на животните и со кои се осигурува одржувањето на нивниот живот (одржливи потреби), растот (кај грлата кои се сеуште во раст), производството (на млеко) и репродукцијата (развојот на плодот).

Како што објаснува, дипломираниот инжинер за сточарство, Предраг Јанковиќ, составувањето на балансиран оброк за млечните крави се состои во тоа што хранливите материи се комбинираат во соодветни количини кои ги задоволуваат дневните потреби. Без соодветна исхрана, која ги задоволува сите потреби на хранливи материи на животните, невозможно е успешно производство на млеко.

Обезбедување на соодветни количини, концентрации и сооднос на хранливи материи

Предраг Јанковиќ, објаснува дека, балансираниот оброк подразбира, не само обезбедување на одредени количини на хранливи материи, туку и соодветен однос помеѓу нив. Кај кравите, кои се чуваат во штали, може да се оствари целосна контрола над исхраната. Кога станува збор за чување на кравите на пасиште, контролата не е можна во толкава мера, затоа што тие слободно конзумираат кабаста храна, која може да варира, во поглед на количина, но и во квалитет (селекција на поединечни растителни видови).

Не се препорачува сите крави да добиваат ист оброк

Во едно стадо, посебно ако е поголемо, невозможно е да се состави оброк, поединечно за секоја крава. Од друга страна, не е препорачливо сите крави да добиваат ист оброк. Поради тоа, оброците треба да бидат составени за одделни продуктивни групи на крави, како би се избегнала од една страна недоволна, а од друга страна преобилна исхрана на некои грла.

Практично решение – поделба на оброкот

Во пракса, раширена е постапката, оброкот да се подели на два дела: основен и дополнителен. Составувањето на основниот дел на оброкот се одвива врз основа на потребата во хранливи материи за грло, според просечната телесна тежина и најниската млечност кај стадото. Тој дел од оброкот се состои најмногу или исклучиво од кабаста храна. Грлата, кај кои производството е поголемо, ги задоволуваат своите потреби со дел од основниот, а дел од дополнителниот оброк. Основниот оброк го добиваат сите грла во стадото, додека дополнителниот се дозира во согласност со поголемото производство. Дополнителниот оброк се состои од концентрати на добиточна храна. Секоја крава добива соодветна количина на дополнителен оброк, зависно од тоа колку дава млеко.

При составување на оброкот се поаѓа од односот на сувите материи

Најчесто, при составувањето на оброкот се поаѓа од односот на сувите материи (или енергија) од кабастата и концентрираната храна. Меѓусебниот однос на кабастите и концентрираните хранливи материи во оброкот за одредено ниво на производство зависи од: квалитетот на кабастата храна и вкупните потреби на кравите, кога станува збор за енергија. Заради зголемената потреба од енергија, кај високопроизводните крави, се зголемува и учеството на концентратот во оброкот.

Застапеноста на концентратот се зголемува кај високомлечните крави

Засушените крави можат да добиваат оброк кој се состои исклучиво од кабаста храна, но кај грлата од кои се очекува високо производство, делот на концентратот се зголемува. Притоа, застапеноста на кабастата храна, не смее да биде помала од 40%, со цел да не се наруши популацијата на микроорганизмите и процесите кои се одвиваат под нивно влијание. Истовремно, тоа значи дека, оброкот со концентрирана храна не смее да содржи повеќе од 60% суви материи, дури и кај кравите со најголемо производство.

 

Валентина Соколовска

за ЗЕЛЕНА БЕРЗА

Share Button