Контрола на заразни болести на животните лигавка и шап, класична чума кај свињите и син јазик

ligavka

Лигавка и шап

Е вирусна, многу заразна болест кај папкарите, која лесно се пренесува при посреден контакт со заразените животни, а непосредно преку заразените животински производи (месо, термички не обработено млеко, крв, сперма, кожа, мокрача и др.).

Се пренесува и преку храната за животни и воздухот.

Луѓето исто така можат да го пренесат вирусот од еден на друг објект преку рацете, нозе, облека, превозни средства и слично.

Освен папкарите заболуваат и други животни како и човекот а посебно децата.

Болеста се препознава преку лигавење, појава на карактеристични меури во устата, јазикот, непцата, носните шуплини, меѓу папците и боските.

Меурите пукаат и се ствараат рани кои можат секундарно да се инфицираат.

При приметување на појавата на лигавката и шапот треба хитно да се извести најблиската ветеринарна станица.

svinji

Класична чума кај свињите

Свинската чума е заразна болест од која во природни услови освен свињите не заболуваат ниту друг вид на добиток, ниту пак луѓето.

Болеста ја предизвикува вирус. Настапува мошне брзо, во одредени случаи може да дојде дури и до недадејно угинување на животните, без претходни симптоми на болеста. Смртноста е голема и се движи од 70 до 80%.

Дел од симптомите кои покажуваат дека оваа опасна болест се одомаќинила кај свињите се: зголемена телесна температура, намален апетит, целосно одбивање храна или зарипнат глас.

При одење животното чувствува болка поради што се движи со врвот на чапунките, се занесува со задниот дел на телото, изнемоштено е и се повеќе е во лежечка положба.

На почетокот на болеста се јавува запек, кој подоцна се менува со појава на пролив. Карактеристични се промените по површината на кожата со точкасти крварења кои на притисок со прст избелуваат, а подоцна променетите места добиваат темновиолетова боја.

Исто така има појава на изразено црвенило на усните школки, рилото и нозете. Кај спрасните маторици се јавува абортус. Кај болните животни се јавува коњуктивитис со исцедок од очите.

Вирусот од болниот организам се излачува преку исцедокот од носот и очите, урината и изметот. Заразата се пренесува директно при контакт на здраво со болно животно, или идиректно, преку заразени предмети и опрема, инструменти, превозни средства и друго.

Отпорноста на вирусот во надворешната средина е многу мала, така да во урината и изметот се уништува за 1 до 4 дена.

Колењето на болните животни претставува голема опасност за брзо проширување на заразата, поради што се преземаат мерки за сузбивање и искоренување на болеста.

Животните кои покажуваат симптоми на свинска чума се одземаат и убиваат, што значи месото и органите од закланите животни не смеат да се употребуваат за исхрана.

Превентивно, здравите животни се вакцинираат на возраст од 45 до 50 дена, а ревакцинацијата треба да се изврши по 1 до 2 месеци.

ovci

Син Јазик

Синиот јазик е заразна болест кај домашните и дивите преживари што го предизвикува вирус.

Појавата и ширењето на болеста е тесно поврзана со инсектите кои со цицањето на крвта го пренесуваат предизвикувачот на болеста.

Од убодот на инсектот до појавата на симптомите поминуваат од 4 до 12 дена после што животните се невесели, губат апетит, имаат оток на муцката, се појавува исцедок од носот и слично.

Некои од овците устата ја држат полу отворена поради отокот на јазикот.

Можи да се јават и побацувања, имаат проблеми со рамнотежата, се јавува кривотница, слабо се движат и имаат забрзано дишење.

Кај говедата и козите се појавуваат истите видливи клинички знаци.

Здравствената заштита на животните

Сопственик или лице одговорно за одгледувалиштето треба да обезбеди континурани услуги од овластен ветеринар врз основа на задолжителен договор.

  • При сомневање за појава на инфективна болест или друга болест истата треба задолжително да се пријави и веднаш да се повика овластениот ветеринар.

  • Одгледувачите може да користат само лекарства кои се одобрени за употреба од страна на релевантната институција во земјата, и тоа врз основа на инструкциите на етикетата на лекарствата кои мора стриктно да се следат за да се обезбеди успешна контрола и да се избегнат опасности по добитокот, работниците, потрошувачите и околината.

  • Купените животни може да бидат извор на болести (заразни или паразитарни) за животните во одгледувалиштето па дури и за луѓето. Затоа при купување животни, купувањето треба да се прави само на одобрени места-добиточни пазари и да се купуваат животни со познат здравствен статус (придружени со сертификат / потврда за здравствената состојба на животните) кои се прописно означени. Животните треба да доаѓаат од имот или области кои не се предмет на забрана или ограничување за заразни или паразитарни болести на животните.

  • Одгледувачот треба да го извести овластениот ветеринар за сите нововнесени животни во неговото одгледувалиште. Доколку со прописите од областа на ветеринарното здравство е потребно, животните пред да ги внесе во одгледувалиштето треба да се изолираат за да му овозможи на овластениот ветеринар да ги прегледа и земе мостри за лабораториски испитувања. По доаѓањето на новите животни на имотот, одредено време тие треба да бидат одвоени од останатите животни на фармата или контактот да се ограничи колку што е можно повеќе.

  • Пред продавање на животните неопходно е да се обезбеди здравствено уверение кое ги придружува животните во трговијата во рамките на државата.

    Советник во АПРЗ Петар Трајковски

 

Share Button