Квалитетот на млечниот производ зависи од квалитетот на суровото млеко, вели Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк

Квалитетот на млечниот производ зависи од квалитетот на суровото млеко што го произведуваат фармерите. За млекарниците, суровото млеко е апсолутно важно за да се добие квалитетен млечен производ, вели  Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк, за „Зелена Берза“.

Со успешна соработка со повеќе од 1400 фармери од цела Македонија и годишен откуп од околу 40 милиони литри млеко, Млекара АД Битола е неприкосновен лидер на млечниот пазар, а токму постигнувањата и грижата кон своите кооперанти, во голема мера, придонесуваат да се одржи постигнатиот стандард, како и брендот со врвен квалитет, велат од млекарницата.

-Постојат два главни предуслови за добивање на квалитетно сурово млеко: да биде добиено од здрави и добро хранети молзни крави, и за време на молзењето да се применува добра хигиенска пракса. Без овие предуслови практично го ризикуваме и квалитетот на млекото и млечните производи, независно од понатамошните контроли што се спроведуваат.Токму затоа, Битолска млекара е позната како доста ригорозна по прашањето  на квалитетот, па тука нема место за компромис!, вели Илиевски.

Контролите за квалитетот на суровото млеко започнуваат уште од фармите,  на терен се спроведуваат контроли на условите во шталите, на молзни крави од страна млекарницата, но и од страна на ветеринарните инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Имено, според Националната програма за мониторинг, редовно се земаат примероци од млеко за тестирање на: антибиотици, други лекови и хормони, така што  суровото млеко мора да одговара според националните стандарди. Од суровото млеко од секој фармер редовно се земаат примероци и за хемиски и микробиолошки квалитет.

 

-Во моментот на преземање на млекото од фармата, се изведуваат неколку тестови за безбедност и свежина на млекото како услов за преземање на истото и секако, најригорозна контрола се спроведува во лабораторијата во самата млекарница на: присуство на антибиотици, афлатоксин и други инхибитори, киселост, стабилност на протеините,се прави комплетна физичко-хемиска и микробиолошка анализа и само по одобрување од лабораторијата, суровото млеко се прима во млекарницата за понатамошна преработка. Освен на суровото млеко, лабораторијата врши и континуирана меѓуфазна контрола во текот на самото производство, како и финална контрола на готов спакуван производ. Системот за контрола е сложен и ригорозен, но едноставно така мора да биде во една современа млекарница, напоменува Илиевски.

 

Сепак и млекарниците ги чувствуваат најголемите проблеми на фармерите  за зголемување на количините сурово млеко и проширување на капацитетите. Илиевски смета дека проблемот лежи во кусокот на сточна храна.

-Дефинитивно тоа е хроничниот недостаток на сточна храна, што пред сѐ се должи на недостатокот на доволни земјоделски површини за производство на сточна храна и тоа е случај кај 90% од фармерите. За жал, досегашната аграрна политика не одеше во прилог на фармерите кога распределбата на земјоделското земјиште е во прашање. За сѐ друго лесно може да се најде решение, но кога сточната храна мора да се купува на отворен пазар, значително ги зголемува трошоците за производство на млекото, па фармерите мора да тактизираат со проширувањето на нивните капацитети, потенцираше Илиевски.

Но, затоа пак, тука е стабилниот откуп како гаранција за секој фармер во  Битолската млекара, која отсекогаш инвестирала во примарното млекопроизводство, вели Илиевски. Тука се подразбира и обезбедувањето на  разладни уреди за секој поголем фармер и формирање собирни центри за сурово млеко за помалите фармери, каде откупот се врши по два пати дневно.

-Секако, мора да го споменеме и увозот на стелни јуници од ЕУ со кој во изминатите неколку години успеавме заедно со фармерите да го подигнеме млекопроизводството и до 30%, наведува директорот на суровина во Бимилк.

Од Млекарницата уште велат дека главниот фокус во иднина ќе биде на поддршка за проширување на постоечките, но и изградба на нови објекти за молзни крави и измолзилишта. Поддржување, воведување на нови техники и технологии во фармерството со посебен фокус на воведување на компјутерско следење на молзните крави со софтвер за менаџмент на фарма. Набавката на стелни јуници за потребите на сите фармери на кои тоа ќе им биде потребно. Потоа, нова мерка за поддршка и промоција на вештачкото осеменување на молзните крави со семе со релативно повисок квалитет од прогено тестирани бикови од увоз, кои сигурно ги пренесуваат подобрените својства на своето потомство, како мерка за подобрување на генетскиот потенцијал на молзните стада, наведуваат од Бимилк.

 

„Зелена берза“

 

 

Share Button