fbpx
ВестиЛов и риболов

Ловџиите од Штип градат дом со апартмани на Плачковица

На планината Плачковица, на приближно 25 километри од Штип, во близина на шумската куќа и на планинарскиот дом „Вртешка“, привршуваат градежните работи на првиот ловечки дом во овој планински крај. Членовите на штипското ловечко здружение „Ловец“ најавуваат дека по уредувањето на внатрешноста и ентериерот, домот официјално и свечено ќе биде отворен по еден месец, на 18 септември.

BA873EC2D1C7FB4CB18B4C0CA1667C53

– Тоа ќе биде одлично место и за ловците на дивеч на повисоки терени, но и за сите љубители на природата. Домот ќе има три апартмани за ноќевање, сала, голема кујна со трпезарија, убаво уреден двор со летниковци за одмор, па како граѓанско ловечко здружение очекуваме да го посетуваат и многу наши и ловци од странство, но и гости и туристи во периодите кога не е ловна сезона. Штета што досега немаше ваков ловечки дом во овој крај богат со дивеч, често посетуван и од странски ловџии кои главно ноќеваа во хотели, куќи, а сега ќе може да престојуваат и ноќеваат на самиот терен – вели Љупчо Спиров, член на претседателството на „Ловец“.

Ловечкиот дом почна да се гради пред десетина месеци, а најголемиот дел од градежните работи ги изведуваат самите ловџии од здружението, чиј број е околу 500.

– Градежните материјали ни се донации од стопанственици, од наши ловџии, членови на претседателството, од претседателот Сичев, потоа од средства од членарината, а имавме и помагатели од странство – од Бугарија, Италија, Србија, со кои соработуваме. За работна рака не дававме пари.

. Меѓу нашите ловци има и доста градежници кои беа главни мајстори, а сите наши членови што можеа помагаа. При некои покрупни зафати ни помагаа и наши членови и соработници што имаат градежни фирми, кои се вклучуваа во работата. Се се работи со голема љубов и ентузијазам, па очекуваме да никне одличен објект на задоволство и на ловџиите и на љубителите во планината и природата – истакнува Спиров.

По завршувањето на ловечкиот дом на Плачковица, од „Ловец“ најавуваат изградба на уште еден, во пониските предели, за што ќе се реконструирал објект во атарот на селото Горни Балван. На тој терен досега, освен наши, доаѓале и странски ловци на прелетен дивеч, кои биле заинтересирани во близина да има соодветен ловечки објект.

Минатата година „Ловец“ заврши и со реконструкцијата и обновата на домот во Штип, каде што е сместено здружението, а неодамна набави и две теренски возила, со кои многу им се олесниле работата и контролата на теренот што го имаат под концесија.

Чакалот се намножи, се бара дозвола за отстрел

Пред неколку години штипското здружение „Ловец“ до надлежните инспекторати и Министерството и до Ловечкиот сојуз на Македонија поведе иницијатива за укинување на забраната за отстрел на чакалот со образложение дека чакалот енормно се размножил и прави големи штети. Штипските ловџии за чакалот велат дека е мудар како волкот, а се размножува брзо како лисица и во Штипско толку многу го имало што правел штети и на периферијата на градот, во викендички, во излетничкото место и населба Сутлак…

– Ние ја поведовме иницијативата, а потоа се приклучија и повеќе други здруженија зашто чакалот почна да се појавува во голем број и да прави штети во многу општини. Има најави дека забраната за отстрел ќе биде симната и оти тоа може да се случи уште пред почетокот на годинашната главна ловна сезона што почува на 11 октомври – вели Ванчо Јаванов, секретар на „Ловец“.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close