fbpx
Вести

Лозарите и винарите со преговори за откупната цена

Родот годинава е поквалитетен од лани, но цената за винското грозје се уште не е дефинирана. Лозарите бараат цените 11 денари за смедеревката и 13 денари за килограм вранец, но според винските визби, поради големите резерви од минатата година, цената би требало да биде пониска за еден денар. Од трпезно грозје во Србија, Русија и Албанија досега се извезени над 1.200.000 килограми.

lozarite-i-vinarite-so-pregovori-za-otkupnata-cena

 

Еден месец пред почетокот на откупот на винското грозје, лозарите и винарите почнаа да се договораат за откупните цени. Родот годинава е поквалитетен од лани, но цената за винскоо грозје се уште не е дефинирана. Лозарите бараат 11 денари за смедеревката и 13 денари за килограм вранец, но според винските визби, поради големите резерви од минатата година цената би требало да биде пониска за еден денар.

– Винарниците сакаат да ги диктираат цените. Ние не се согласуваме со понудените откупни цени на винското грозје, кои четири години не се променети. Заштитните средства, односно трошоците на лозарите секоја година се зголемуваат за 20 отсто. Винарниците не се придржуваат кон тоа што сме се договориле и не го почитуваат трудот и средствата за лозарите, вели Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозарите „Агротиквешија“.

Што се однесува до извозот на винското грозје, Аризанов се надева дека ќе има побарувачка од соседните земји, но се уште е рано за извоз, а од трпезно грозје во Србија, Русија и Албанија досега се извезени над милион и двесте илјади килограми.

Според него, како последица на мрзнењето од ниските пролетни температури, годинава ќе има нешто помал род кај лозјата, кој се проценува на речиси 180.000.000 килограми. За сметка на намалениот род, пак, вели е одличниот квалитет со кој се карактеризираат гроздовите зрна.

– Поголем дел од производството на трпезно грозје оди за извоз, бидејќи побарувачката за овој вид на грозје на домашниот пазар е многу мала. Откупната цена е од 18 до 20 денари за килограм, меѓутоа оваа цена се менува секој ден и не се почитува одредбата за неделни откупни цени, додава Аризанов.

Тој објаснува дека родот кај лозовите насади е намален главно во рамничарските делови каде што нема да се добијат очекуваните количества грозје, кои вообичаено се берат таму и во Гевгелиско-валандовскиот регион, каде поради појавата на пламеница од 70 до 80 отсто од родот е уништен. Лозарите од Тиквешкиот регион годинава се надеваат на подобар квалитет подобар шеќер на винското грозје, доколку временските услови се подобрат и има повеќе потопли денови до бербата.

Пред да се започне со берба на винското грозје, од исклучително значење е да се одреди вистинскиот момент на почетокот на бербата. За да се утврди степенот на зрелоста на грозјето, односно моментот на бербата, потребно е да се одреди процентот на шеќерот и вкупните киселини во грозјето. Бербата на грозјето може да започне во моментот кога ќе се створат оптимални услови, односно кога ќе се постигне идеален сооднос помеѓу шеќерот и вкупните киселини, објаснуваат експертите.

– Се надеваме дека годинава се ќе биде во ред и винарските визби ќе ги почитуваат откупните цени и ќе откупуваат во согласност со квалитетот. Очекуваме поголема контрола од земјоделскиот инспекторат за да се спречат навреме евентуални неправилности, потенцира Аризанов.

Од оваа откупна сезона според измените на Законот за вино рокот за плаќањето на винското грозје е скратен и изнесува 3 наместо 6 месеци.

Две вински визби се уште им го немаат платено на лозарите винското грозје од минатогодишната реколта и доколку сакаат да бидат впишани во Регистарот на производители на вино и да продолжат да откупуваат грозје и оваа година ќе треба прво да го исплатат долгот и да платат парична казна на државата.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close