МЗШВ достави 13.580 барања до Бирото за судски вештачења за проценка на штетите од годинешните пролетни мразеви

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до Бирото за судски вештачења достави 13.580 барања за проценка на штетите од неповолните климатски настани (доцни пролетни мразеви), што се случија во април годинава. Станува збор за барања доставени од 27 општини/ подрачни единици и проценка на 49.556 катастарски парцели, за кои што Подрачните единици на МЗШВ, утврдиле дека временските непогоди имаат нанесено штети врз земјоделските култури.

Се работи за општините/Подрачни единици, Охрид, Дебарца, Струга, Велес, Пехчево, Виница, Демир Хисар, Карпош, Неготино, Тетово, Кратово, Гостивар, Боговиње, Радовиш, Чаир, Струмица, Кочани, Крушево, Делчево, Гевгелија-Богданци, Македонски брод, Берово, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци и Ресен.

Во очекување се барањата од уште 5 општини ( Гази Баба, Куманово, Кичево, Штип и Свети Николе), чии што барања претходно беа вратени поради утврдени грешки во доставената документација.

Проценката на штетите ќе се спроведува согласно Законот за земјоделство и рурален развој  и Уредбата за начинот на утврдување на неповолен климатски настан, настаната штета, пресметување на загубата на приходот, пресметката на штетата, постапката за исплата на помошта.

Бирото треба да изготви извештаи со проценка на настаната штета во денари, поединечно за секој барател. Добиените извештаи од Бирото за судски вештачења, ќе бидат проследени за исплата до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, која што за секој подносител на барање ќе изготви решение за исплата за настанатата штета или известување доколку не ги исполнува условите за обештетување.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во изминатите три месеци интензивно работи на забрзување на процесот на активностите во врска со исплата на обештетувањато на земјоделците од неповолните климатски услови што се случија во 2017 година.

МЗШВ информира, дека со цел забрзување на целата процедура за исплата на обештетувањата, МЗШВ на 14.09.2017 година достави допис до Бирото за судски вештачења, за враќање на документацијата за 11 општини, која претходно е доставена до Бирото за судски вештачења, а по која во Бирото не се постапуваше поради неусогласеност на договорот за соработка помеѓу МЗШВ и Бирото. Овој договор бил потпишан од претходната власт која нарачувала проценки за продажба на земјоделско земјиште преку Бирото за судски вештачења, но не ги платила надоместоците за истите, поради што од Бирото бараа да се надмине овој проблем, за да може да продолжи постапката на соработка меѓу двете институции согласно договорот.

Share Button