fbpx
ВестиВидео/интервјуа

НАЈГОРЛИВИОТ ПРОБЛЕМ ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ СЕ НИСКИТЕ ОТКУПНИ ЦЕНИ НА ПРОИЗВОДИТЕ , вели Васко Неделковски млад земјоделец од селото Вашарејца

Vasko

Васко Неделковски (33) жител на селото Вашарејца, Општина Могила, е еден од ретките млади луѓе кои сериозно се посветени на земјоделието. Неделковски заедно со својата сопруга Татјана, обработуваат 60 хектари земјоделско земјиште земено под наем од државата и годишно произведуваат со стотици тони пченка, пченица, јачмен и други земјоделски и индустриски култури. Покрај земјоделието ова семејство одгледува и крави.

Неделковски предупредува дека државата мора да посвети многу внимание на земјоделието, да вложува и да го унапреди во водечка стопанска гранка, потребни се современи политики и сериозен пристап, бидејќи премал е бројот на млади по селата
коишто избрале да се занимаваат со обработка на нивите. Најчесто се иселуваат во други држави, или избираат да работат на фабрика или некоја друга дејност.

Селото Вашарејца има колку 200 жители од нив педесеттина се млади луѓе, ама на раце се бројат младите семејства кои се одлучиле да егзистираат од земјоделство. Неделковски накратко ја прекина работата на нива за да не пречека во неговиот дом.

 

Тој е еден од првите земјоделци кои се зачленија во Здружението „Зелена берза“.

-Најголемиот и најгорливиот проблем за
нас земјоделците е пласманот на земјоделските производи и ниските откупни цени, особено на пченицата и пченката. И двете култури се откупуваат за цена од 9 до 10 денари за килограм што е премногу ниска и сметам дека треба да биде барем 12 денари за килограм. На мелничарите им е скапо по 12 денари да ни ја исплаќаат пченицата, и не ги тангираат нашите трошоци, иако ние нудиме квалитетни сорти на пченица за брашно што несмејат да бидат под 14 денари за килограм. Тоа се квалитетни сорти брашно, а мелничарите ни ги плаќаат како да се сточна храна. Тоа за нас не е исплатливо, категоричен е Неделковски во разговорот за „Зелена берза“.

Младиот земјоделец годишно произведува 100 тони пченка, и исто толку пченица, а преку 30 тони јачмен. Во текот на производството ги користи и пременува сите современи стандарди за обработка и производство на земјоделски култури.

-Имаме многу трошоци при производството, ѓубрива, вложување во современа агротехника и кога накрај ќе ги направиме сметките не ни останува речиси ништо, особено за пченицата 10 денари е премалку, наведува Неделковски.


Земјоделските маки ги слушнале и надлежните институции и мелничарите, но според него се’ останува на ветувања, конкретни
промени во корист на земјоделците нема.

-Најпрво апелирам цената на пченицата да се прецизира во месец мај, да се знае колку пари ќе чини, а не во јули или август да се кажува дека цената за килограм пченица ќе биде 10 -12 денари. Тогаш е веќе завршена работа и родот треба да се жнее, предупредува Неделковски.

Неговата сопруга Татјана, која воедно е мајка
и на две малолетни деца, не заостанува зад сопругот во земјоделските работи, таа вели
дека од земјоделие се живее колку да се преживее.

-Тешко се живее од земјоделието, колку да има за храна , за сметки, а за да остане нешто настрана тешко, вели Татјана.

Неделковски, реагира и на распределбата на државните субвенции со забелешка дека колку еден земјоделец повеќе обработува земја толку помошта е помала.

-Тој што обработува повеќе земја зема помалку субвенции такашто над 100 хектари земја субвенциите се 10 проценти, додека над 10 хектари земја субвенциите се 60 проценти. Сметам дека субвенциите за пченицата треба да бидат на откупен килограм , а не на единица површина, реагира Неделковски.

Што се однесува до сточарството и откупот на млекото нашиот соговорник и тука со забелешка дека 17 денари за литар сурово млеко е премалку и дека таа цена треба да биде барем 20 денари за литар. Поради лошите состојби во сточарството и барањето на исполнување на високи стандарди во фармите голем дел од сточарите ги продаваат кравите.

Овој млад земјоделец во свој двор во селото Вашарејца има неколку земјоделски машини, трактори и алатки што му се потребни за обработка на нивите. Но, како што вели има голема потреба, ама и желба, за современ трактор, кој што значително ќе му ја олесни земјоделската работа.

-Далеку сме од тоа да ја пратиме
современата земјоделска технологија, современите машини, трактори со овие пари што ги земаме од откупот тешко се постигнува. Но, неопходен ми е современ трактор за работа, посакувам тоа да е Џон Дир од 105 коњски сили. Аплицирав до Платежната агенција при Министерството за земјоделство и се надевам дека овој пат ќе имам можност да ја поседувам оваа исклучителна машина, вели Неделковски на крајот од нашиот разговор.

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close