Поедноставни даночни постапки и повеќе пари кај земјоделците

Државата ќе им го врати данокот на доход на сите земјоделци кои преку продажбата на земјоделски производи оствариле приходи до еден милион денари. Повратот ќе се прави по истекот на годината, а Управата за јавни приходи ќе им ги враќа парите по службена должност, за што веќе е поедноставена процедурата со последните измени на Законот за персонален данок на доход.

„Повратот на платениот данок ќе го врши УЈП и ќе се врши по службена должност по истекот на годината во која е остварен приходот односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот од претпополнетата даночна пријава за изминатиот даночен период“ – изјави Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски вели дека со зголемувањето на прагот на остварените приходи од 300.000 на еден милион денари ќе останат повеќе пари за земјоделците, а дополнително ќе бидат ослободени од досегашните административни процедури, односно нема да поднесуваат барање за регистрација како даночни обврзници.
Според Николовски, кон крајот на годината УЈП ќе ги има сите пресметки колку пари треба да бидат вратени на земјоделците.


 

24mk

Share Button