Процветаните овошки се во опасност

kajsija

Ниските температури се сериозна закана за мрзнење на овошките. Земјоделските експерти велат дека ако деновиве температурите паднат под минус 6 степени тоа може да го намали годинашниот род, но ќе влијае и на квалитетот на земјоделските култури.

Алармот уште од вчера го вклучија и градинарите. Тие поради најавените поларни температури и снег веќе ги активираа печките за греење во пластениците. Дополнителен проблем е и тоа што поради топлото време изминативе недели веќе процветаа дел од дрвјата, па сега студот се заканува дека сосема ќе ги изгори прерано излезените пупки. Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека студот ќе трае неколку дена.

„Ова заладување сепак ќе потрае само до четврток до крајот на денот. Веќе од петок на крај на денот ќе се почувствува благ пораст на температурите и тоа ќе трае и во деновите на наредниот викенд“, вели Борис Секирарски – дежурен синоптичар.

Температурите ќе се движат од минус три до два, но ќе дува и засилен северен ветер. Во наредните денови се очекува температурите да паднат и до минус 10. Дополнително загрижување за земјоделците носат и вестите од некои глобални метеоролошки портали. Таму уште отсега се алармира дека претстојнава пролет на Балканот ќе биде многу врнежлива, а локално се очекуваат и големи поплави.

Share Button