Системите  „ капка по капка “ се  иднината  на земјоделското производтство

Барањето на нови технологии и примената на нови современи техники  се основата за поголем развој на земјоделството. Добро упатените  лица сметаат дека системите за наводнување  „капка по капка“ не се само мерка за подобро земјоделско производство, туку воопшто,  тие се иднината на земјоделското производство.

Ваквите системи се најнапредна технологија во наводнувањето и со нивно користење се овозможува подобро искористување на водните ресурси од една и подобрување на приносите од друга страна.

Системот „капка по капка“ е најефикасен за наводнување  на овоштарници, дрвореди и други култури кои се одгледуваат во бразди, црепни и др. Наводнувањето со ваков систем има повеќе предности, посочуваат агроинжинерите.  Лесен е за инсталирање. Се врши заштеда на водата  преку рамномерно и прецизно налевање на растенијата. Со директното насочување на водата кон кореновата зона се намалува плевелот . Има широка примена, може  да се користи на различни конфигурации на теренот и на различни типови на почви.

Некои земјоделци веќе имаат инсталирано систем за наводнување „капка по капка“и ги користат бенефициите. Бале Ростановски од Цапари успешно  има инсталирано ваков систем на 20 ха површина со цреши, јаболка и круши.

„Системот е инсталиран на  целата површина. Со него не само што се штеди вода , туку се штеди и во време и човечки ресурси, вели Ростановски. Водата наменски се насочува кон коренот на садниците , а капалките се штеловани да капат онолку колку што е неопходно , без да се троши вода непотребно. Пред инсталирањето на системот со наводнување  по бразди за 1ха површина ми беше потребно 2-3 недели и најмалку четворица вработени, за сега да  може времето да се скрати на еден ден и со помош на еден човек само со одвртување на една славина. Поубаво е со ваков систем, одиш на нива дотеран и наводнуваш  исто како да ја пушташ чешмата дома, објаснува за „Зелена берза“ Бале Ростановски   сопственик на овоштарникот „Флора фреш“ Цапари.

Искуствата кај  земјоделците што располагаат со ситеми за наводнување  ги потврдуваат  предностите  и велат дека инвестицијата се исплаќа, но оние што ги немаат  велат дека за тоа се потребни големи финансиски средства.

„ Инвестицијата на  систем за наводнување „капка по капка“ варира во зависност од културата што се одгледува, теренот како и од квалитетот  на опремата . За површина од 1 ха потребни се од 200 000  до 250 000 ден. Иако се вели дека системот е лесен за инсталирање сепак тоа треба да се остави да го изработат стручни лица.Многу се барани, но во државата мислам дека се води погрешна политика за оваа работа, вели за Зелена берза доброупатен трговец кој сакаше да остане анонимен.  Слушам дека на земјоделците им се организираат предавања и дека им се нудат делови од овие системи. Ова е погрешно. Мислам дека државата  треба да помага, но само финансиски, а не  да им дава на земјоделците  материјали. Реално треба да им се помага на земјоделците, но да не се донираат материјали, комплетната  услуга и монтажа да им се доверат на стручни фирми, додава  за Зелена берза  нашиот соговорник.

За големиот интерес кај земјоделците потврдува и Сашко Ефремов референт за продажба во реномираната компанија „Синпекс“ Битола.

„Соработуваме со компании на познати брендови, нудиме квалитетна опрема , а тоа земјоделците знаат да го препознаат, вели Ефремов. Синпекс е застапник  на  производи  од израелскиот бренд  „Ривулис“ и им овозможуваме на клиентите инсталирање  до клуч на рака“ додава тој.

Последиците од климатските промени земјоделците се по веќе ги чувствуваат така што на заштедата на ресурси мора да се внимава, а тоа може да се направи со употреба на современа технологија и современи агрометоди. Слично како со набавката на земјоделска механизација , заинтересираните може да набават систем за наводнување капка по пкапка  со користење на мерка од Националната програма  за рурален развој преку мерката 121.4 „Набавка на систем за наводнување капка по капка, конструкц ија на бунари и други зафати на површинска вода“.  Според објавениот јавен оглас земјоделците по оваа програма имаат на распоалгање 20 милиони денари.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Share Button