Што со искосената трева? Направете од неа ферментирано ѓубриво

Ферментираното растително ѓубриво, може да се користи за наводнување на растенијата или како фолијарно ѓубриво. Освен што ги прихранува растенијата кои се одгледуваат, ова ѓубриво има антифунгицидно дејство врз предизвикувачите на болести, ги привлекува црвите и ги брка штетниците.

Сите ние, од време на време се соочуваме со многу трева која што сме ја искосиле и не знаеме како да ја отстраниме од својот имот. Искосената трева, може да се употреби за подготовка на органско ѓубриво. Најпопуларен начин, на користење на искосениот растителен материјал е компостирањето, но за да добиеме компост, потребно е многу време. Брз начин на користење, претставува подготовката на ферментирано растително ѓубриво, кое може да се користи за наводнување на растенијата или како фолијарно ѓубриво. Тоа ѓубриво содржи микро и макро елементи и многу други корисни материи.

Подготовка на ферментирано растително ѓубриво

За подготовка на такво ѓубриво потребни ни се: канта или буре, искосена трева (растенија), сено, вода. Кантата или бурето треба да бидат пластични, затоа што металот предизвикува реакција во текот на процесот на ферментација.

Како растителни материјали, можат да се користат различни видови плевел, кои растат во дворот или градината. Никако, не смее да се користат отровни растенија. Ваквото ѓубриво може да се подготви од поединечни растителни видови. Многу често се користи ѓубриво од коприва, гавез и слични ѓубрива. Но, најчест случај е кога во искосениот растителен материјал, имаме различни растителни видови.

Растителната маса потребно е да се иситни на должина од 10 – 15 см, со цел ферментацијата да се одвива побрзо. Во кантата можеме да додадеме и отпад од лиснат зеленчук (блитва, спанаќ, цвекло, репа или роквица). Не додавајте корења или некој друг отпад кој би можел да влијае на процесот на ферментација и квалитетот на ѓубривото.

Кантата треба да се наполни до ¾ со иситнета растителна маса. Со цел забрзување на процесот на ферментација, додаваме и една рака исушено сено. Потоа, содржината во кантата треба да ја прелиеме со вода, по што се додава мала количина пепел од дрва, со цел подобрување на карактеристиките на ѓубривото.

Процесот трае од 3 до 14 дена

Доколку деновите се поладни, во текот на пролетта или есента, кантата или бурето можат да се чуваат во пластеник. Процесот на ферментација трае од 3 до 14 дена, во зависност од временските услови. Колку е потопло, толку и ферментацијата се одвива побрзо.

Квалитетот на ферментираното ѓубриво, зависи од растителните видови кои сме ги собрале. Со оглед на тоа што, основата на ова ѓубриво е зелената растителна маса, во составот на хранливи елементи, преовладува азот. Во зависност од тоа кои билки сме ги ставиле да ферментираат, можеме да влијаеме на содржината на хранливите елементи. Така, на пример, ѓубривото во кое има повеќе гавез, ќе биде богато со калиум. Содржината на калиум и фосфор можеме да ја зголемиме со додавање на пепел.

За да го забрзаме процесот на ферментација во кантата со растителната содржина, можеме да додадеме и џем, корка од леб, квасец.

Употреба на ферментираното ѓубриво

Ферментираното ѓубриво е готово кога содржината во кантата престанува да вари (да создава пена). Тогаш, содржината треба да се процеди и разблажи со вода, во зависност од начинот на примена.

Доколку, ѓубривото го користиме за наводнување на растенијата, тогаш соодносот за разблажување со вода е 1:10, а доколку ѓубривото го користиме како фолијарно ѓубриво тогаш размерот е 1:20.

Ова ѓубриво освен што содржи макро и микроелементи, витамини и многу други корисни материи, делува и како биостимулатор. Многу штетници ги избегнуваат градините и цвеќињата залеани со вака подготвено ѓубриво, поради неговиот мирис. Со примената на ѓубривото се привлекувате црвите во градината, со што нивниот број ќе се зголеми, а се подобрува и имунитетот на третираните растенија, како и микрофлората на земјиштето. Ѓубривото има и антифунгицидно дејство, затоа што на површинат на третираното растение се формира основна облога која е неповолна за развој на многу патогени штетници.

Ферментираното растително ѓубриво, најдобри резултати дава кај ѓубрење на зеленчукот, цвеќињата и кај јагодичестото овошје. Не треба да се користи за ѓубрење на растителни видови кои бараат кисело земјиште, поради таквите особини на ѓубривото со кои истото ја зголемува алкалноста.

 

Валентина Соколовска

за Зелена берза

 

Share Button