Струмица: Жештините и киселиот дожд го изедоа ајварот

piperki

Пиперките буквално се изгорени, а оние земјоделци кои ја произведуваат под пластеници можат да се надеваат на добра откупна цена.

Осумдесет отсто од посевите засеани со пиперка ајварка се уништени, а причината за тоа според познавачите, е топлото и сушно лето надополнето со неодамнешниот кисел дожд.

Според д-р Ристо Вучков, стручњак за заштита на растенијата, годинашниов оптимизам од зголемените површини под пиперката од сортата „куртовска капија“ и зголеменото побарување за неа од европските пазари, во последните десетина денови се урна како кула од карти. На површините штетите се огромни, а производителите со неверување гледаат како пропаѓа нивниот труд.

– Прво во фазата на оплодување на пиперката поради жештините имаше лошо заврзување на плодот. Тие плодови кои беа на јужна експозиција и беа оплодени, буквално изгореа од високите температури. Ова е првата причина за големата штета врз „ајварката“, а втората е дождот кој врнеше неодамна. Имено, тој поради својата киселост предизвика бактеријални и вирусни заболувања на недоволно заштитените растенија – објаснува д-р Вучков.

Тој додава дека земјоделците се уште го немаат потребното ниво на знаење како превентивно и навремено да ги заштитат посевите.

И земјоделците потврдуваат дека жештините и киселиот дожд го изедоа ајварот од нивите во Струмичко, посебно од површините на отворено.

– Во некои реони штетите на „куртовската капија“ изнесуваат и над 80 отсто. Пиперките буквално се изгорени, а оние земјоделци кои ја произведуваат под пластеници можат да се надеваат на добра откупна цена. Деновиве оваа пиперка од прва класа се откупува од 20 до 25 денари за килограм, што за производство на отворено е добра цена. Но, доколку е произведена во затворен простор, тогаш на земјоделецот воопшто не му се исплаќа, бидејќи трошоците за ваквото производство се неколку пати повисоки во споредба со тоа на отворено – вели Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители од Струмица.

Според експертите, променливите временски услови проследени со екстремно високи температури во лето и крајно ниски температури во зима, предизвикуваат физиолошки трауми кај скоро сите градинарски култури, па и кај пиперката „ајварка“. Решенијата кои можат да ги применат производителите за да се спротивстават на глобалните климатски промени е преструктуирање на културите кои ќе ги одгледуваат.

– Земјоделците, но и стручњаците, мораат да размислуваат за одгледување на нови култури кои ќе бидат отпорни за екстремните климатски промени. Тоа е применливо доколку се вгради во стратегијата за развој на аграрот. Тоа значи секој регион, секој локалитет со својата експозиција, со својот тип на почва да даде максимум одгледуваната култура да го достигне својот потенција – додава д-р Вучков.

Инаку, пиперката „куртовска капија“ или популарно наречена „ајварка“ годинава во Струмичко беше засадена на скоро 5 илјади хектари. Во овој регион е донесена во шеесетите години на минатиот век од Бугарија. Автохтоното семе се повеќе се губи и во последно време се одгледуваат други сорти, кои се одликуваат со поголема содржина на вода и помалку суви материи во споредба со оригиналната „капија“.


 

слободен печат

Share Button