Тутунски комбинат Прилеп: Сигурен откуп и исплата на тутунот

Прилепскиот Тутунски комбинат од кооперантите ќе откупи преку два милиони килограми тутун од годинашнава реколта. Парите се обезбедени за исплата. Воедно ќе се проширува производството на цигари и ќе се инвестира во фабриката, со што ќе се продлабочи соработката со стратегискиот партнер „Филип Морис“, изјави на денешната прес-конференција генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат Кирил Станкоски.

Станкоски најави дека денеска во посета на комбинатот е висока делегација од големиот светски производител „Филип Морис“ и стратегиски партнер на комбинатот. Разговорите и преговорите се во два сегмента: откупот на тутун и производството на цигари.

– Делегацијата од најголемиот светски производител на цигари „Филип Морис Интернационал“ и стратегиски партнер на прилепскиот тутунски комбинат ја сочинуваат Петрос Сампајо, директор на Европа за тутунска суровина, Михаил Прокопчу, оперативен директор за југоисточна Европа и Михаилм Солтер, директор на заедничката компанија на Филип Морис со прилепскиот тутунски комбинат, рече Станкоски.

Според него, целта на оваа посета е интензивирање и продлабочување на соработката меѓу „Филип Морис“ и прилепскиот тутунски комбинат.

– Разговорите и преговорите се водат во два сегменти. Едниот во делот на тутунската суровина, а другиот за производството на цигари. Со „Филип Морис“ се преговара за купопродажба на над два милиона килограми тутун од годинашнава реколта за кои Тутунскиот комбинат има обезбедено средства за исплата на кооперантите. Со оваа информација кооперантите треба да бидат спокојни и непречено да се подготвуваат за претстојниот откуп на тутунот, истакна Станкоски.

Што се однесува до производството на цигари, како што посочи тој, во најскоро време асортиманот на производи ќе биде зголемен со нова палета производи- видови цигари, за што нашиот стратегиски партнер инсталираше нова машина во погонот на фабриката за цигари.

Истовремено, во фабриката за цигари почнуваат инвестициски проекти кои ќе обезбедат здрава и компактна средина за работа и ќе гарантираат сигурни и квалитетни производи.

– Станува збор за покривање на погонот, инвестиција која ќе чини околу 60.000 евра. Целиот погон ќе се покрива со пластифицирани материјали, како што наложуваат стандардите на „Филип Морис“ за производството на цигари, рече Станкоски.

Share Button