Винариите бараат поддршка од државата за успешен извоз

vinoo

 

Македонските винарници бараат државна поддршка за успешен пласман. Посочуваат дека се соочуваат со голема конкуренција на странските пазари, а од навремениот извоз зависи и откупот на грозјето. Министерот Николовски вели- сакаме да ги слушнеме и винарите и лозарите, за цените да бидат прифатливи и за двете страни…

Доколку сакаме да се зголеми извозот на флаширано вино, потребна е поголема поддршка на државата, со што би се олесниле пласманот и освојувањето нови пазари, велат домашните винарници. Учеството на флашираното вино од околу 20 милиони литри во извозот е скромно, ако се има во вид фактот дека тука спаѓа и виното пакувано во пластика од два литра, кое, според нив, има мала додадена вредност.

„Во моментов се соочуваме со страшна конкуренција зашто ова не е изолирана гранка, туку дел од глобалниот пазар, а сите држави кои покажале успех во меѓународни рамки успеале тоа го постигнале со помош од државата“, изајви Никола Деребанов, директор на Винарницата „Стоби“.

На работната средба со министерот за земјоделство Љупчо Николовски, три месеци пред почетокот на бербата, винарниците укажаа дека проблемите околу откупот на грозјето не се едноставни, затоа што треба да се добие квалитетен производ што треба да се извезе и да се наплати навреме за да може целосно да се исплатат лозарите за вложениот труд. Министерот Николовски вели дека лозарите и винарниците треба да бидат партнери, да се почитуваат договорите доколку сакаме оваа извозна гранка да бележи раст. Државата ќе го помага креирањето услови за навремен откуп и стабилни цени, ќе обезбеди и повисоки субвенции, што ќе овозможи предуслови за поквалитетно и поатрактивно производство.

„Промовираме две нови мерки годинава, зголемени субвенции за оние развојно ориентирани категории на земјоделски стопанства кои имаат од еден до 10 хектари. Кај нив годинава зголемувањето на субвенции е за 20 насто, односно наместо 40 добиваат 48 илјади денари по хектар субвенции, затоа што веруваме дека тоа е категоријата која што може да го донесе потенцијалот за развиено и модерно и поконкурентно земјоделско производство“, рече министерот Николовски.

Николовски информира дека на лозарите и на винарниците им биле исплатени сите заостанати но и предвидени субвенции пред почеток на годинашнава производствена сезона од 600 милиони денари, а деновиве ќе добијат и дополнителна субвенција од 2 денара за килограм грозје, односно на сметките ќе им легнат уште 140 милиони.


 

мрт

Share Button