Владата ги донесе и предложените сет на мерки за пченицата

Владата пред два дена ги донесе предложените сет на мерки кои произлегоа како резултат на состаноците кои што изминатиов период ги одржавме со земјоделците производители на пченица и со мелничарите откупувачи, а врз основа на анализите од МЗШВ. На прес конференцијата министерот Љупчо Николовски информираше дека со донесените следните одлуки, прво, се зголемува минимумот на пријавени површини за добивање на 100 отсто од програмираната субвенција за полјоделски култури, вклучително и за пченицата. Со оваа измена ќе бидат опфатени земјоделците со средна големина. Односно, ако досега субвенција од 100 отсто добивале оние кои пријавиле од 0,3 до 10 хектари,за оваа категорија на земјоделци го зголемуваме минимумот на пријавени хектари за субвенции, или од 0,3 до 20 хектари ќе добијат 100 отсто субвенција. Николовски вели дека со мерките се опфатени и фирмите:

„Втората измена е за фирмите кои имаат поголеми површини со полјоделски култури вклучително и пченица. Зголемена субвенција или наместо 10 отсто, со измените фирмите кои имаат пријавени површини над 100 хектари ќе добиваат 20 отсто субвенција. Односно, ако со 10 отсто субвенција добивале 1200 денари по хектар со новата мерка ќе добиваат 2400 денари субвенција по хектар. Овие измени важат за сите полјоделски култури. На овој начин ќе ги мотивираме поголемите компании  кои се носители на вкупното производство на полјоделски култури да го зголемат производството. – речe Николовски.

Третата мерка, како што истакна ресорниот министер, има за цел да го заштити домашното производство и од оваа жетва да се откупи што повеќе домашна македонска пченица.Поточно секој откупувач на пченица запишан во регистрарот на откупувачи кој што ќе откупи домашна пченица од реколатата 2018, најдоцна до 15 септември годинава, и за истата исплатата ќе ја изврши најдоцна до 15 декември  2018 година, ќе добие субвенција од 1 денар за килограм откупена пченица. Корисници на оваа мерка се откупувачи на пченица запишани во регистарот на откупувачи кои извршиле откуп на пченица од род 2018 година во предвидениот рок од домашно производство врз основа на договор за откуп.

„Оваа мерка ќе го поттикне договорното производство и ќе ја подобри конкурентноста на домашната мелничка индустрија. Со оглед на тоа што годинешниот просечен откуп на пченица изнесува околу 70.000 тони, се очекува поддршката за оваа мерка да изнесува околу  70 милиони денари.“- истакна Николовски.

Во тек е јавниот оглас за набавка на 13.000 тони домашна пченица за потребите на стоковите резерви, кој што трае до 15-ти август. На јавниот оглас за прв пат се дозволени и помали лотови, со цел и земјоделците да можат да директно да продадат пченица на Стокови резерви. Има 10 лота од по 100 тони и 3 лота по 4.000 тони пченица. На овој начин  ќе се придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена.

Веќе се направени пресметки и вкупно за сите овие четири мерки ќе се исплатат околу 4 милиони евра.


 

мзшв

Share Button