Заканите за глобалната трговија со храна

Храната во голем обем завршува во еден дел од светот, кој не може да ја изеде и едноставно се фрла, а на местата каде што е најпотребна не може да стигне затоа што нема адекватни услови за нејзиниот транспорт и чување или, пак, луѓето немаат можности да ја купат. Во светот денес има речиси осум милијарди жители и нивниот број секојдневно се зголемува. Еден од главните проблеми на светот не е како да се прехранат неговите жители, туку како храната да стане достапна за сите. Светот е соочен со целосно апсурдна ситуација, па, така, скоро 800 милиони луѓе не можат да се нахранат со минималниот број потребни калории за нормално функционирање.
И покрај тоа што светската популација постојано расте, бројот на недоволно исхранети се намалува поради растечката можност за прераспределување на храната низ целиот свет. Светската безбедност на храната сѐ повеќе се потпира на 14 „густи контролни пункта“ за поморска трговија, се вели во извештајот на експертската група „Чатам хаус“ со седиште во Велика Британија. Според извештајот, треба да се стори повеќе за да се заштитат клучните транспортни патишта како Панамскиот Канал, Суецкиот Канал и турската теснина. Речиси 25 отсто од светската храна се тргува на меѓународните пазари. Ова, според извештајот, ги прави снабдувањето со храна и цените ранливи на непредвидени кризи или климатски промени.

Инфраструктурата во „густите контролни пунктови“ често е стара и би се борела да се справи со природните катастрофи, кои се очекува да зачестат со загревање на планетата, додаваат авторите на извештаите. Тие ги повикуваат владите да инвестираат во инфраструктурата што е отпорна на климатските услови и да ги диверзифицира производството на храна и акциите.
„Чатам хаус“ го нагласува фактот дека поморски трговски патишта се под притисок и ги идентификуваат бариерите, при што пратките се сѐ повеќе ранливи и не стигнуваат до одредено население.
Покрај тоа, Суецкиот Канал и протокот Бад ал Мандаб (кои го контролираат превозот помеѓу Медитеранот, Црвено Море и Аденскиот Залив), Панамскиот Канал, кој е стратегиски позициониран помеѓу Атлантски Океан и Тихи Океан, потребно е да се заштитат.

Американските внатрешни водни патишта и бразилската железничка мрежа исто така се блокирани, како и Доверскиот Проток (најтесниот дел од англискиот канал, кој ја одделува Велика Британија од континентална Европа), Гибралтарскиот Проток (помеѓу Атлантски Океан и Медитеранот), турскиот проток, црноморската железничка мрежа и пристаништата, Ормуски Проток (помеѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив) и Малачкиот Проток, тесен дел од водата меѓу Малајскиот Полуостров и индонезискиот остров Суматра.
Способноста на глобалната трговија да го нахрани светот е една од големите успешни приказни од претходната генерација. Повеќе од една милијарда луѓе од вкупно 5,6 милијарди се соочија со глад на планетата пред четвртина век, тој број паднал на 800 милиони, дури и кога населението пораснало на 7,6 милијарди. Трговијата донесе голем дел од тој напредок – шпедитерите и извозниците станаа подобри во добивањето храна по достапни цени, за семејствата со понизок стандард, од местата каде што има вишок храна до регионите со недостиг.

Глобалниот обем на трговија со стока во земјоделството речиси тројно се зголеми од 2000 до 2016 година, на 1,66 милијарда тони, според податоците на ООН. Половина од произведената соја, една четвртина од целата пченица и повеќе од осмина од пченката се тргува на меѓународно ниво.
Од 14 блокади во светот идентификувани од страна на истражувачката фирма „Чатам хаус“, само еден е ослободен од нарушување во изминатите 15 години.
– Имаше мало внимание посветено на физичките ризици што се наоѓаат во меѓународните синџири на снабдување. Зголемувањето на трговската зависност, нестабилноста на временските услови поради климатските промени и недоволното инвестирање во инфраструктурата го ставаат светот во поголема опасност од хуманитарна криза предизвикана од дефект во глобалниот систем за храна – вели Лаура Велзли, истражувачка соработничка со лондонската „Чатам хаус“.
Трговијата ќе стане уште поважна, особено поради тоа што климатските промени го прават времето понестабилно и ќе се зголемува потребата различните региони да се заштитат меѓусебно кога жетвата нема да успее.
Резултатите од теренското истражување покажува дека годишно околу 9 милиони тони храна се фрлаат од причини поврзани со ознаките за трајност на прехранбените производи.

По насоките за донирање храна, Европската комисија го исполнила другото клучно барање од извештајот што го напишала известувачката на Европскиот парламент за намалување на фрлањето и зголемување на донирањето храна, Билјана Борозан.
– Претпоставувавме дека големите количества храна што се фрла се поврзани со погрешното означување на прехранбените производи и неразбирањето на разликите помеѓу „да се употреби до“ и „најдобро да се употреби до“ – смета Борзан.
Според истражувањето, кое опфатило 2.296 производи купени во 109 продавници на територијата на осум држави-членки на ЕУ, најмногу потенцијал за намалување на фрлањето храна во контекст на роковите на траење има кај млечните производи, свежите сокови и пакуваното месо и риба.
Душко Христов претставник на „Храна за сите – Банка за храна Македонија“, објасни дека немањето функционален систем и банки за храна доведува до ситуација големи количества да завршуваат во ѓубре, и покрај тоа што според статистичките податоци околу 450 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштијата.

– Затоа е потребно да се направи поврзување за таа храна да ја ставиме во систем што ќе гарантира постојаност и сигурност за тие на кои им е потребна. Бизнис-секторот ќе знае како и каде да ја стави во систем храната што е вишок или има краток рок на употреба – истакна Христов.
Според него, во Македонија се фрла речиси една четвртина од вкупното количество храна со која манипулираат маркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите. Тој додава дека најмногу храна фрлаат дистрибутивните синџири чии производи се со краток рок на траење, потоа рестораните и домаќинствата.


 

новамакедонија

Share Button