Започна проектот за управување со агроотпадот помеѓу општина Новаци и грчката општина Аминдео

Стартува  двегодишниот проект „Одржливо менаџирање на агроотпадот за загревање на руралните области – AGROWCHAIN“ каде партнери се пелагониската општина Новаци и грчката општина Аминдео. На состанокот што вчера се одржа во Аминдео, Грција  присуствуваа сите партнери во проектот, а се разговараше за начинот на имплементација, следните активности на секој од партнерите и начините на комуникација.

Главната цел на проектот е да се подобри управувањето со агроотпадот.

-Општина Новаци се соочува со проблем во однос на менаџирањето со агроотпадот. Општината менаџира со голем број на одводни канали, во чиишто корита неконтролирано расте трска, шамак и трева, кои доведуваат до затнување на истите. Заради тоа, ќе се создаде синџир на снабдување со отпад до селектирани корисници кој ќе се користи како гориво за загревање на градинката  во Новаци. Синџирот за снабдување ќе вклучува собирање на отпад, негов третман со цел да биде компатибилен за согорување во котел за биомаса. Создавањето на одржлив синџир на снабдување ќе го трансформира агроотпадот во корисно обновливо гориво што би резултирало со очигледен еколошки и економски бенефит . За таа цел за да можеме да го реализираме цел овој процес ќе набавиме опрема односно трактор со приколка, машина за балирање, хидраулична машина за чистење на канали и речни корита, котел за греење, рече Љубе Кузманоски, градоначалник на општина Новаци.

Главен партнер во проектот е општинското претпријатие за загревање на поширокиот регион на Аминдео- ДЕТЕПА, а како останати партнери од грчка страна се Центар за обновливи извори на енергија и заштеда CRES и Кластерот за бионерегија и животна средина на Западна Македонија CLUBE  (ГР). Додека од македонска страна водечки партнер е Општина Новаци и Агенција за поддршка на развојот за земјоделството АПРЗ Битола која се јавува како партнер.

Share Button