Земјоделското производство, предизвик за хоби но и егзистенција

 

Многу  земјоделци земјоделската работа им останала во наследство од дедовците и родителите, но ги има и оние што започнале да се занимаваат со земјоделска работа од радозналост или пак  предизвик. Некои од радозналост,  а некои од мака.

Што и да е, добро е кога ќе се препознае дека може да се направи добар бизнис.

Слободан Цавироски е дипломиран економист од Кичево,  кој барајќи начин за егзистенција за себе и семејството се пуштил во земјоделска авантура. Ризикот секогаш постои, но како што вели сакал да вложи во нешто каде не се потребни многу пари, но може во иднина да му се вратат.

 

Не информираноста најголем проблем

Раскажувајќи ја својата приказна вели дека најголемите грешки се прават од недоволна информираност.

„Почнав со брзорастечки дрвја пауловнија. Немав доволно информации, тоа беше мојот најголем проблем. Во 2016 година насадив 490 садници. Локацијата не беше најдобра , бидејќи земјиштето ми се наоѓа на 1000м надморска висина. Дрвјата се уште мали, треба да  растат, уште не знам дали ќе ми се исплати инвестицијата“, вели Цавироски.

„Во меѓувреме почнав да барам нови можности за заработка. Почнав многу да читам и да барам информации. Размислував за отворање на лабораторија за инвитро размножување на растенија, работа која вонашата држава не е застапена, за разлика од странство каде редовно се користи.  Барајќи начини да ја реализирам идејата, се судрив со пречка, а тоа беше моето образование. Не можев да искористам од мерките што државата ги нуди затоа што  сум економист, а за тоа беше потребно да сум агроинжинер“.

Но овој неуспешен обид да почне нешто добро не го запира да продолжи понатаму да бара нови можности за заработка. Напротив уште повеќе почнал да се едуцира.

Прирачниците што сам ги напишал ги нуди без никаква надокнада

Започнал повеќе микро инвестиции, но сето тоа како хоби. Читајќи ги написите на Зелена берза сфатил дека има многу луѓе што се интересираат, но не знаат како и со што да започнат. Во нашата држава нема доволно литература доколку некој сака да почне некој  агробизнис. Вели дека маката го научила, но затоа пак секој што има потреба , стои на располагање да даде совет што и како треба да се направи. На располагање ги дава своите прирачници што сам ги напишал, но нема средства да ги објави за да може и други да ги користат. Вели дека сака да бидат достапни до сите оние што сакаат да почнат некој бизнис, а за тоа не сака финансиска заработка.  Вели дека со совети му помогнале од Земјоделскиот факултетот во Скопје и дека и тој би му помогнал на секoј што сака.

„Посадив садници орев. Лешниците се добра инвестиција но за поголема површина потребна е соодветна механизација. За оревите  нема потреба од различни видови на механизација. Но и за нив потребно е знаење. На нашето поднебје оревите спонтано се одгледуваат  без некоја посебна агромерка. Но за подигање на насад со сертифицирани насади потребно е знење, а во тоа се уверив сам“, вели Цавироски.

„Насадив садници од сортата чендлер. За разлика од останатите сорти кои имаат род само на врвот од гранката, оваа сорта дава орев по целата должина на гранката. Така колку што е поголема гранката толку има повеќе плод. Првиот обид на садење ми беше неуспешен бидејќи срните  ми ги уништија. Не знаев дека треба да ги оградам со жица. Тоа не ме обесхрабри, напротив продолжив да барам информации. Најдов српска литература, но и таа не беше соодветна, така што продолжив да барам информации,  што се’ ми е потребно , како да ги заштитам и како да стигнам до убав род“, додаваСлободан.

Најнеопходна е подоготовката на почвата, длабоко да биде изорана, во зависност од теренот да се направат соодветни дупки и да се употребат соодветни препарати за заштита на коренот и секако жичана ограда за заштита на стеблото, тоа е целата инвестиција  која што е потребна за насади со орев.

За неколку години Слободан очекува да добие род од 40 – 50 кг по садник. Садниците не се тешки за одржување, за разлика од другите култури отпорни се на болести.За пласман не се грижи, затоа што во државата има недостиг од орев.

Сака да проба да одгледува и јапонски јаболка,  но засега на сите овие работи гледа само како хоби затоа што     набрзо ќе почне со нова работа. Но тоа не значи дека не може и ова да прерасне во  агробизнис. За се’  што работи има голема подршка од семејството.

 

Својата приказна  Слободан ја завршува со порака:

„Повеќето од нас имаат во наследство некоја парцела што може да се искористи. Постојат услови да бидат ставени во функција за добивање приход, но за тоа се потребни желба, љубов и упорност“.

 

Павлина Јовановска

Зелена берза

Share Button