fbpx
Рурален туризам

Зовиќ

Нерамен, напорен пат води низ ридско-планинските карпести терени низ кои се слуша свирежот на ветрот каде што се шири беспрекорната чистота на воздухот, мирисот на спокојот разбрануван нежно само од звукот на ѕвонците на добитокот што пасе по ливадите во далечините.

Небото ишарано со бели облаци, кои, чиниш, тукушто излегле од четката на уметникот што би можел да го наслика овој пејзаж на природни убавини во мариовско Зовиќ. Куќите се раштркани, ѕидани врз камен. Нема сила што ќе ги сруши. Дворовите чисти, оти лежат на карпи, а меѓу нив никнале пргави тревки, полски цветови за да ги хранат пчелите. Селото е распослано на сите страни, но бројот на жители постојано се намалува. Останале уште неколку куќи од кои чади оџакот. Другите одамна ги натиснал заборавот, пајаците ги исплеле своите мрежи, ставајќи печат на спомените кои којзнае дали некој некогаш ќе ги отвори.

Камениот мост претавува камен лаков мост кој ја премостува Градешка Река во непосредна близина на мариовското село Зовиќ. Се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариовскиот крај.  Под мостот на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое постоело таму.

Ѕидан е од огромни камења, а под него разбранувано тече селската река. Чистата и бистра ладна вода направила мал кањон пробивајќи се низ карпите. На оваа убавина не може да се одолее. Човек едноставно доаѓа пред дилемата, која е смислата на животот: да се трага и трча секој ден по пари или да се напушти таа убиствена борба со денот и ноќта, за да се дише животот со полни гради, во ваков спокој?

 

МАРИОВО

За потеклото на името постои една легенда во која се вели дека некој турски бег сакал да ја земе за жена во својот харем преубавата девојка Марија од овој крај. По долгите натегања Марија се согласила да оди во харемот на бегот но под услов во целиот крај да не се врши потурчување (исламизирање) и да не се населуваат Турци и да се градат џамии. Договорот бил испочитуван и целиот крај бил спасен од насилните потурчувања и зулуми. Во знак на благодарност населението во чест на убавата Марија која го спасила целиот крај го дало името Мариово.

Денес, овој предел има нешто помалку од петстотини жители, а распослан е на територија од преку 1300 квадратни километри. Времето овде одамна застанаало. Чекорам низ Дуње, село со специфична стара македонска архитектура. Џагорот на населението одамна згаснал низ овие камени ѕидови, низ децениската миграција. Колку ли луѓе би дошле кога би знаеле за вакво место, каде човек може да се почувствува навистина САМ, отсечен од цивилизацијата, барем за момент да го осети мирисот на авантура,  но и на бегство од хаосот на нашето секојдневие.

Тука, низ овој предел, поминувала линијата на Солунски фронт, за време на првата светска војна. Тогаш, Мариово татнело по целата своја должина. Остатоци од тоа време денес има насекаде, зачувани се дури и рововите и бункерите во кои се криеле војниците.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close