fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Поголеми парцели за поконкурентно производство

Повеќето земјоделски стопанства во Македонија се помали од два хектара, наспроти 16,6 хектари просечна големина во Европската Унија.

ПРОЕКТ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ

Неповолната структура на земјоделското земјиште, преголемата расцепканост и малата површина се најголемите предизвици на македонскиот земјоделски сектор. Повеќето земјоделски стопанства во Македонија се помали од два хектара, наспроти 16,6 хектари просечна големина во Европската Унија. Малите стопанства се расцепкани на пет или повеќе ситни парцели со неправилна форма, оддалечени една од друга, што ги намалува продуктивноста и ефикасноста и оневозможува модернизација и економија од обем. Предизвик е и недоволната и застарена инфраструктура, како пристапни патишта и системи за наводнување и одводнување.
– За да се решат овие проблеми, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со поддршка на Европската Унија и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), во рамките на проектот „Маинланд“, им помага на сопствениците на земјиште да се справат со расцепканоста на земјиштето преку консолидација. Со реорганизација на земјиштето ќе се зголеми продуктивноста – посочуваат претставниците на ФАО.
Тие дополнуваат дека со окрупнување на земјиштето се подобруваат формата и земјоделската инфраструктура.

– Распределбата на земјиштето во рамките на „Маинланд“ е транспарентен и партиципативен процес, кој вклучува консултации и преговори со сите сопственици и корисници на земјоделско земјиште. Вклученоста на сите засегнати гарантира дека се земаат предвид сите мислења при подготвување на планот за консолидација, кој овозможува поголема ефикасност на производството и подобар животен стандард во руралните средини. Со поголеми земјишни парцели со правилен облик земјоделците можат да инвестираат во модернизација и зголемување на обемот на производство, но и преориентирање од егзистенцијално на профитабилно земјоделство. Основен принцип е секој сопственик да добие иста вредност на земјиштето како онаа со која влегол во постапката – објаснуваат од ФАО.
Досега во рамките на проектот консолидацијата е завршена во Конче (општина Конче) и Егри (општина Битола). Процесот се спроведува во седум други подрачја Соколарци, Спанчево (општина Чешиново-Облешево), Логоварди, Оптичари, Трн (општина Битола), Кожле (општина Петровец) и Дабјани (општина Долнени). Процесот во деветте области опфаќа подобрување на структурата на околу 3.000 хектари земјоделско земјиште, подобрување на пристапните патишта и системи за одводнување и наводнување. Директни корисници се 2.500 сопственици на земјиште, нивните семејства и заедници.
– Конче е првиот проект за консолидација во државата по принципот распределба на земјишни парцели без промена на граници, чиј план беше едногласно изгласан од сите учесници. Тука беа групирани 101 парцела на 28 хектари земјиште, сопственост на 27 сопственици, при што растојанието меѓу парцелите беше значително намалено, овозможувајќи поефикасно земјоделство. Егри е првиот консолидациски проект по принципот распределба со промена на граници. Планот во Егри беше усвоен со мнозинство гласови од сопствениците во јануари 2020 година – велат од ФАО и потенцираат дека консолидацискиот проект во Егри е уникатен по својата сложеност, во земјата и во регионот, бидејќи станува збор за многу поголема површина на земјоделско земјиште (336 ха), во сопственост на голем број сопственици (214).

Распределбата на земјиштето била направена со целосна промена на границите и обликот на парцелите, во комбинација со подобрувања на земјоделската инфраструктура. Бројот на земјишни парцели во Егри е намален за речиси четири пати, од 874 парцели на 260, со просечна големина на парцела од 1,30 ха, наспроти само 0,38 ха просечна големина пред консолидацијата.
– Еграни сега имаат поголеми парцели со правилна форма, што овозможува подобри, полесни и поефикасни земјоделски практики. Во јули 2021 година, преку проектот почна изградба на нова земјоделска инфраструктура, тампонирани патишта, нови канали за одводнување и проширување на системот за наводнување, кој треба да се заврши до крајот на годинава. Подобрените системи ќе придонесат за поголема продуктивност и ефикасност на производството и ќе ја зголемат отпорноста на земјоделството кон екстремните временски услови, како поплави и суши. Земјоделците веќе ги обработуваат новооформените земјишни парцели, забележуваат поефикасна обработка и очекуваат подобри приноси за 30-40 проценти – посочуваат од ФАО.
Од организацијата укажуваат дека земјоделците вклучени во процесот на консолидација веруваат дека подобрените услови за конкурентно и профитабилно земјоделство ќе ги привлечат младите во земјоделскиот сектор и ќе помогнат да се намали напуштањето на земјоделството. Земјоделците стануваат свесни дека конкурирањето на европските пазари и во глобалната економија ќе биде полесно со подобрена структура на земјиштето и подобар пристап до инфраструктура и технологии.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, посочува дека окрупнувањето е важен чекор за развојот на земјоделството.
– Тоа е процес на кој треба да се работи и една од пречките во делот на консолидацијата се нерешените имотноправни односи меѓу граѓаните. Од друга страна, голем дел од земјоделското земјиште е претворен во градежно, што исто така претставува пречка за консолидацијата. Имено, овој процес е значаен бидејќи има позитивни ефекти и на инфраструктурата и на продуктивноста. Потребни се кампањи, средби со руралното население, каде што подобро и подетално ќе се објасни, за да стане јасен самиот процес. Наедно се потребни и поттикнувачки механизми за решавање на имотноправните односи и, се разбира, најголем проблем е пренамената на земјоделското во градежно земјиште – укажа Мојсовска.

Од ФАО посочуваат дека Националната програма за консолидација ја позиционира Македонија како лидер во регионот и укажуваат дека проектот „Маинланд“ е одличен пример за успешна консолидација во меѓународни рамки.
– Консолидацијата вклучува илјадници хектари земјоделско земјиште и илјадници сопственици. Истовремено неопходни се солидна законска рамка и јаки капацитети во јавниот и во приватниот сектор за ефикасна имплементација, почитување на правата на сопственост и принципот на Агендата 2030 – никој да не биде изоставен. Процесот е релативно нов за државата и бара развој на капацитети и знаење на поединци и субјекти што спроведуваат сегменти од консолидацијата, за постапките да се во согласност со најдобрите меѓународни практики и стандарди – велат од ФАО.
МЗШВ и ФАО укажуваат дека во секоја од фазите на постапката, сопствениците се консултирани преку директни средби, се разговара за нивната состојба и интереси, особено при планирањето на распределбата на земјиштето. Тие посочуваат дека пристапот на консолидација варира од држава до држава, но има клучни чекори што треба да се случат пред Националната програма да стане оперативна и дополнуваат дека успешното искуство на Егри и Конче ги инспирира другите села во земјата.
– Со консолидација може да се олесни спроведувањето проекти што интегрираат повеќе јавни цели, како зачувување на природата, справување со климатските промени и големи инфраструктурни проекти. Ваков пример се проектите во Логоварди и Оптичари (општина Битола), каде што за изградба на експресниот пат од Битола до грчката граница, наместо со експропријација, се комбинира со тековното планирање на распределба на земјоделското земјиште во двете области, како дел од процесот на консолидација – велат од ФАО и потенцираат дека ставовите за проектот „Маинланд“ се нивна одговорност и не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close