Откупот на грозје започна и во малите винарии

 

Откупот на грозје успешно го започна и винаријата „Илиев“ од Кавадарци. Слично како и во другите винарии и овде задоволни се од стартот на откупот на винско  на грозје.

„Откупот за сега се одвива без проблеми. Ги откупуваме сортите Шардоне, Ризлинг и Темјаника. Квалитетот на грозјето не е „нај нај“ , но причината за тоа е врнежливото време. Грозјето го имаше фатено болести како што се пламеница и ботритис, што влијаеше на родот.  Она што е најважно за виното се шеќерните единици кои се  движат од 17 – 21единица“, вели за Зелена берза Диме Илиев сопственик на винаријата.

Откупот се врши по цени од 20 ден/кг за Шардоне, Ризлингот 19ден/кг и Темјаниката по 27 ден/кг.

„Ние сме мала семејна винарија. Немаме многу кооперанти  и претежно работиме со  грозје од сопствено производство. Секоја година се јавуваат истите проблеми, тешко е , но треба да се најде баланс межу лозарите и преработувачите , вели Диме Илиев.

И покрај тешкотиите со кои се соочуваат во текот на работата очекуваат оваа сезона да помине добро. Со оглед на количините , целокупното производство го пласираат  на домашен пазар, информираат до винарија „Илиев“.

Павлина Јовановска

Зелена берза

Share Button