fbpx
Агро бизнисВестиМакедонија

Изградена пречистителната станица во Кадино

Во населеното место Кадино изградена е нова пречистителна станица со капацитет за 1250 еквивалент жители, како дел од реализацијата на капиталниот проект на Општина Илинден – Изградба на фекална канализација со пречистителни станици.

– Со изградбата на пречистителната станица ќе се овозможи да се зафатат отпадните води од 330 домаќинства од Кадино кои ќе бидат приклучени на системот за фекална канализација. Канализацискиот систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата во Кадино, припадна површина 3 е во должина од 3730 метри. Вкупната инвестиција на проектот изнесува 26 милиони денари, од кои 15 милиони денари се за изградбата на канализацискиот систем за прифаќање и третман на отпадни води, додека 11 милиони се за изградба на пречистителната станица, соопштија од Општина Илинден. Од Општината додадоа дека пречистителната станица претставува модуларен систем што зафаќа мал простор, има мала потрошувачка на електрична енергија и може да се надградува во согласност со зголемувањето на потребите.

Со инсталирањето на овој тип на пречистителни станици со нова технологија за третман на отпадните води, посочија од Општина Илинден, ќе се придонесе за решавање на приоритетниот проблем со кој се соочуваат граѓаните на Кадино, истовремено ќе се влијае во развојот на комуналната инфраструктура, како и подобрување на условите за побрз економски, социјален и рамномерен развој на општината.

– Заедно со веќе постоечкиот канализациски систем припадна површина 4, сега со фекалната канализација во Кадино се опфатени над 660 домаќинства од ова населено место, истакнаа од Општината. Досега во општина Илинден изградена е вкупна канализациска мрежа во должина од 30.000 метри, изградени се шест пречистителни станици, во четири населени места (Илинден, Марино, Кадино и Миладиновци), на која се приклучени вкупно 1.664 домаќинства. Реализацијата на капиталниот проект „Изградба на фекална канализација со пречистителни станици”, е еден од приоритетите во стратешките цели на Општина Илинден и претставува капитална инвестиција.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close