вестиТоп вести

Стоп за пластичните материјали за една употреба?

Еден од главните проблеми со кои светот почнува посериозно да се справува е пластичниот отпад за еднократна употреба. Од целокупната палета вакви производи, најмногу се користат пластичните ќеси при секојдневното пазарување. Ќесите што се користат кај нас се таканаречени биоразградливи, но тие сепак се пластични и претставуваат голем проблем кога станува збор за зачувување на природната средина. И бидејќи се става голем акцент на животната средина, некои европските земји воведуваат нови регулативи, а кон нив се приклучија и земји што не се дел од ЕУ.

Главниот град на Србија, Белград, веќе објави дека од Нова година ги укинува пластичните ќеси. Дали и Скопје ќе преземе ваква иницијатива и ќе се заложи за укинување на пластичните ќеси и производите за еднократна употреба, нема одговор од градските власти. Но од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, информираат дека се подготвува нов предлог-текст на законот со кој се забранува достапноста на пазарот на многу лесни пластични ќеси за транспорт на стоки во Македонија. Со новите измени се предлага забрана за употреба на производи изработени од пластични материјали за една употреба, како пластични сервиси за јадење, пластични пикник-комплети, чашки, сламки, чепкалки за уши и слични производи. Во предлогот се наведува дека ова треба да стапи во сила од 2025 година, но, сепак, се остава можност дополнително да се разгледа со бизнис-заедницата, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Затоа важно е да се напомене дека, сепак, станува збор за предлог за кој сѐ уште не се знае дали ќе биде усвоен.

– Со новиот предлог-закон се ограничува достапноста на пластичните ќеси на пазарот, така што ќе плаќаат надомест сите што ќе одлучат да ги користат. Наместо пластичните ќеси, на пазарот ќе бидат подостапни 100 отсто биоразградливите пластични или хартиени ќеси, кои се произведени во согласност со пропишаните стандарди за биоразградливост. Исто така, за овој вид ќеси нема да им се наплатува на крајните корисници, со исклучок на оксобиоразградливи и оксоразградливи производи – вели раководителката на секторот за управување со отпад Ана Каранфилова од Министерство за животна средина и просторно планирање.

Според еколошките експерти, оксобиоразградливите и оксоразградливите производи претставуваат производи создадени од пластика, која во себе содржи адитиви што овозможуваат побрзо разградување. Иако има побрз временски период на разложување овој вид пластика, сепак таа се фрагментира во помали парчиња, поточно микропластика, која не се распаѓа на молекуларно ниво како другите биолошки производи. Од ваков вид пластика се изработени биоразградливите пластични ќеси што моментално ги користиме и се законски дозволени за користење во Македонија.

– Ова значи дека доколку граѓаните купат намирници и сакаат да користат пластична ќеса од некој маркет, ќе мора за неа и да платат. Цената за пластична ќеса што треба да ја платат потрошувачите, според новиот предлог, ќе изнесува 10 денари по парче и ќе ја наплаќа трговецот на местото на продажба – додава Каранфилова.
Предлог-законското решение го задолжува секој производител во 2020 година да собере 55 отсто од амбалажниот отпад на своите производи, додека пак до 2025 година обврската е 80 отсто. Со предложеното законско решение се прави обид за воспоставување хармонизација со најновите европски директиви што се однесуваат на управување со отпадот.

– До крајот на 2020-та, стапката на рециклирање треба да биде најмалку 55 отсто, а најмногу 80 отсто од амбалажниот отпад што е создаден на територијата на Република Северна Македонија – велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Колку ние ќе се снајдеме, доколку помине предлогот, и колку ќе бидеме успешни во исфрлањето на пластичните производи за една употреба останува да видиме.

извор: Нова Македонија

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close