вестиТоп вести

Трговците се богатат на грбот на земјоделците

Село Крклино  е едно од пелагониските села во кое населението се занимава претежно со земјоделско производство на тутун, зелка, грозје, пиперки, домати. Слично како и во други населени места и овде жителите се обидуваат да го произведуваат она од што ќе имаат најмногу профит. Ако купувате зелка и ви речат дека е крклинска, нема да згрешите, ќе ја имате најквалитетната зелка. Во поново време на овие простори  се среќаваат и други култури, за кои се почнува нова ера, како што се лешниците. Немањето организиран откуп е најголемата причина  земјоделците малку по малку да ги напуштаат традиционалните производи карактеристични за реонот, велат земјоделците.

„Се надеваме на гаранцијата што ни ја даваат дека ќе има откуп. Зелката е најмногу застапена, ама за неа немаме никакви гаранции за откуп. Некоја година останува по нивите. Некогаш ќе се погоди, ама некогаш останува непродадена, каде е ќарот тогаш? За  лешниците имаме загарантиран откуп“, вели за Зелена берза  Љубе Беделковски од с. Крклино.

Во моментов е актуелна есенската зелка и е многу барана. На пазарите се продава по 15 ден/кг,додека на големо некој денар помалку. Како што објаснува Беделковски годинава е добра, има квалитетна зелка и добра цена, но проблем е продажбата, односно местото за продавање.  За сега најмногу ја продаваат по роднини и пријатели.

„Со трактор и приколка може да се продава само на Новиот пазар, но надоместокот кој се плаќа е ист, ако се однеси полн трактор или половина приколка. За да продаваме на зелениот пазар, по новиот закон треба да имаме закупено тезга за цела година, а ние имаме потреба од тезга само додека е сезоната на зелка. И пак испаѓа ќарот да го земаат трговците“, се жали Беделковски.

Слична била и состојбата со пиперките .Трговците си играат со нас, објаснува Беделковски.

„Не беше лоша годината и со пиперките, иако ние некогаш не сме задоволни. Секогаш бараме нешто плус. Трговците ако видат дека се наредени тракторите полни со пиперки одма јавуваат дека цената е пониска и обратно, ако се намалат тракторите ќе ја зголемат цената, си играат со нас“, вели Љубе.

Земјоделските површини во  Крклино се тие што се , плус минус разликата е многу мала и затоа, што и колку ќе се произведува за одредена сезона најмногу одлучува откупот на производите. И оние што се вработени во државни и  приватни фирми се занимаваат со земјоделие како дополнителна дејност. А кога се работи за земјоделие сите од семејството се вклучени од најмал до најголем.

Местоположбата на Крклино е одлична и за производство на грозје. Љубе  Беделковски вели дека годинава имале грозје со одличен квалитет, но биле приморани да го сберат порано бидејќи сколовранците им го јаделе. Бидејќи  лозјата се наоѓале во заштитена зона ловџиите не смееле да се движат таму и да ги ловат сколовранците. Сепак ќе има за вино и комова ракија вели Беделковски.

Љубе Беделковски заедно со своите синови има посадено лешници на 8 декари  со околу 420 садници. Лешниците во моментов се во добра кондиција и за две години очекуваат да бидат во полна зрелост. За одгледување на лешници  се решиле  откако дознале  од некоја телевизиска емисија. Садниците ги набавиле од  Макс Сефери сопственик на фирмата A.L.Junajtid  од Струга кој ги носи садниците од Италија. Од него ја имаат целата поддршка и сите совети што се потребни за производство на квалитетни лешници. Ја имаат целокупната земјоделска механизација што им е потребна  и се надеваат дека до година ќе имаат богат род. Сепак нема да ги оставаат оние традиционални производи. Ќе има и зелка и пиперки и тутун, но колку ќе зависи од гарантираниот откуп, кој засега го има само за тутунот, а за лешниците останува самите да се уверат.

 

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close