fbpx
Вести

Се подготвува нов закон за заштита на потрошувачите

potrosuvaci

Министерството за економија подготвува нов закон за заштита на потрошувачите и стратегија за активностите во наредните четири години за подобрување на правата на потрошувачите посебно во онлајн пазарењето, изјави државната секретарка во Министерството, Анета Димовска на одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите чие мото годинава е „Подобар дигитален свет“.

Во нивното изготвување активно ќе бидат вклучени и организациите на потрошувачите и бизнис заедниците, бидејќи нив и најмногу ги засега.

– Купувањето онлајн е област која треба да се регулира и да се подобрат условите за заштита на потрошувачите. Ваква иницијатива потекна и од Европската унија која смета дека областа дополнително треба да се испита. Проблем е што при онлајн купувањето за компаниите кои продаваат на овој начин важат законите во државите каде што се нуди производот и затоа се ретки компаниите кои продаваат онлајн. Дополнително и сѐ уште граѓаните се плашат да купуваат на ваков начин бидејќи се плашат за безбедноста – рече Димовска.

Учесниците на денешното одбележување на денот на потрошувачите се едногласни дека и покрај уставното право и добриот Закон за заштита на потрошувачите сѐ уште има прекршувања.

Професорката Јадранка Дабиќ вели дека во подобрувањето на правата на потрошувачите треба да се тргне од уставното начело но и да се признае дека сѐ уште се прекршуваат правата на потрошувачите.

– Основното право кај нас се уште не се реализираат и тука треба да се стави акценот при носењето на новиот Закон. Загрижува и тоа што судовите досега не прогласиле за ништовна ниту една нефер клаузула од договорите кои ги даваат банките и компаниите – вели Дабиќ.

Дабиќ, меѓутоа очекува со донесувањето на новиот закон за заштита на потрошувачите да се формира и Агенција за заштита на потрошувачите по теркот на Агенцијата за електронски комуникации која направила многу во овој период.

Маријан Додевски од Советот на потрошувачи на Град Скопје најави објавување на имињата на сите компании кои не ги почитуваат потрошувачките права и поголема едукација на граѓаните.

Маријана Лончар – Велковска од Организацијата на потрошувачите вели дека е добро тоа што ќе се носи нов Закон за заштита на потрошувачите.

– Посебно е значајно што ќе се донесе стратегија која ќе овозможи интегриран пристап кон проблематиката – рече Лончар-Велковска.

Според податоците на Министерството за економија, изминатиот период пазарниот инспекторат извршил 3.000 контроли за почитување на Законот за заштита на потрошувачите. Близу 1.000 од тие контроли се на барање на потрошувачите.

– Потрошувачите најмногу се жалеле на нерегуларностите при објавувањето на попустите во продавниците, на услугите на јавните претпријатија, топлификацијата и туристичките агенции, потоа на технички недостатоци на стоката, како и на гаранциите и квалитетот на сервисирањето – информира државната секретарка во Министерството, Димовска.


 

плусинфо.мк

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close