fbpx
Вести

Евтини трикови за заблуда на потрошувачите

potrosuvaci

Домашни и странски производители на храна се служат со евтини трикови и прикажуваат лажни карактеристики на своите производи за да ги доведат потрошувачите во заблуда и на тој начин да ја зголемат продажбата. Така, сѐ почесто може да се сретне природен мед, на чие дно на теглата е напишано дека станува збор за производ од мед, намаз се продава како павлака, а разреден концентрат се продава како овошен сок, иако не содржи доволно овошје за да се квалификува како таков. Дополнително, во маркетите често може да се сретнат растителните производи на полиците заедно со млечните производи, иако станува збор за целосно различни видови храна. Истовремено, доколку потрошувачите сакаат да прочитаат што пишува на пакувањата потребна им е лупа. Со оглед на тоа што одредени производители преку називите на производите и сликите погрешно ги наведуваат граѓаните, кои најчесто ги привлекуваат и пониските цени на ваквите производи, тие придонесуваат за дестабилизирање на пазарот и за зголемување на нелојалната конкуренција.

Од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) потврдуваат дека има случаи во кои означувањата на производот ги доведува до заблуда граѓаните.
– Се истакнува дека производот може да го излекува болниот или да ја подобри неговата состојба, да ја излекува дисфункционалноста или малформацијата, но нема научни докази за таквите перформанси. Исто така се чуваат павлака, кашкавал, сирење, урда од растително потекло на иста полица со истите производи од животинско потекло – велат од АХВ.

Тие додаваат дека употребата на нутритивните и на здравствените тврдења од страна на операторите со храна не е задолжителна, но доколку тие сакаат да истакнат некои својства на производот, тогаш задолжително мора да ги почитуваат правилата и тврдењата не треба да бидат лажни, двосмислени, да ги доведуваат во заблуда потрошувачите, ниту пак да предизвикуваат сомневање во врска со безбедноста или хранливата вредност на производите.

Оттаму велат дека во согласност со Законот за безбедност на храната, забрането е истакнување специфични својства на храната, кои се слични со друга храна со ист квалитет, како и употреба на слики, цртежи, знаци и текстови што би можеле да го доведат потрошувачот во заблуда во поглед на идентитетот на производот, потеклото, составот, својствата, намената и дејството на производот.
– На пример, сончогледово масло со податок во означувањето „без холестерол“, а сончогледовото масло е од растително потекло и, секако, не содржи холестерол. Потоа, на некои од производите стои податок „содржи дозволени адитиви“, но не се наведени адитивите содржани во производот. Исто така, граѓаните се измамени и со овошните сокови, производот е деклариран како овошен сок, но додатокот за содржина на овошје покажува дека не содржи доволно количество овошје за да биде овошен сок – велат од АХВ.

Според нив, млечните производи, вклучувајќи ги и сирењето и кашкавалот, се производи добиени со преработка на сурово млеко и доколку со технолошкиот процес на производство се дефинирани други состојки, тогаш тој производ е надвор од дефиницијата за сирење.
– Во поглед на продажбата на производите што одржат растителни масти или масла, тие покрај тоа што задолжително треба да се наведени во декларацијата, за да се елиминира можноста од доведување на потрошувачите во заблуда дека купуваат млечен производ, тие треба задолжително да се продаваат одделно од млечните, на друг, посебен рафт – сметаат од АХВ.

Надлежните од АХВ нагласуваат дека вршат постојан надзор над операторите со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите, кои вклучуваат и исполнување обврска за соодветно означување на храната што се става во промет.
– Означувањето треба да биде јасно, прецизно и да не го доведува потрошувачот во заблуда и сето ова го вршат операторите со храна, односно производителот, а за податоците од декларацијата за увозните производи одговорен е увозникот. Обврска на операторите со храна е да гарантираат пред инспекциските служби и потрошувачите дека пуштаат на пазарот безбедни производи и производи што се соодветно означени. Со донесување на новиот Закон за безбедност на храната, во 2015 година, Агенцијата за храна и ветеринарство направи промена во правната рамка, која се однесува и на означувањето на храната. Законот за безбедност на храната се дополни со повеќе одредби за означувањето на производите, со кои се имплементира новата ЕУ-легислатива за информирање на потрошувачите за прехранбените производи, која во Европската Унија почна да се применува од 13 декември 2014 година – појаснуваат од АХВ.

Како што велат оттаму, агенцијата врши постојан надзор над операторите со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите.
– Се вршат континуирани контроли на пазарот и доколку се констатираат недоследности во делот на означувањето, на операторите со храна им се наложува во определен рок истите тие да ги отстранат. Доколку не се постапи по наложеното, производите се повлекуваат од промет. Во 2016 година, од страната на инспекторите за храна и официјалните ветеринари извршени се вкупно 44.939 контроли – велат од АХВ.

Тие нагласуваат дека до одделението за заштита на потрошувачите при АХВ од страна на граѓаните минатата година поднесени биле 316 претставки. Од нив, основани, односно со потврдени наводи биле 144 претставки. Најголем број од претставките, 190 или 60 отсто од вкупно поднесените претставки, се однесуваат на храната од неживотинско потекло, 36 претставки, односно 11 отсто се однесуваат на храната од животинско потекло, 90 или 29 отсто од вкупниот број поднесени претставки се однесувале на прашања од здравствената заштита и благосостојбата на животните.
– Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават во нашата агенција – додаваат од АХВ.

Од Организација на потрошувачи на Македонија (ОПМ) потврдуваат дека има производи кај кои сликата го лаже купувачот. За некои од нив, велат, веќе реагирале, но сите не ги промениле пакувањата. И покрај тоа, тие ги мотивираат граѓаните да пријавуваат за овие производи.
Маријана Лончар-Велкова, претседателка на Организација на потрошувачи, вели дека не смее сликата на производот да наведува дека станува збор за нешто сосема друго. Граѓанинот купува според визуелен впечаток и многумина одлучуваат според сликата поради што таа мора да биде објективна.

ЧЕСТА ЗЛОУПОТРЕБА НА ЗБОРОТ „ПРИРОДНО“
Според претседателот на Здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, овој проблем стана многу голем, почнувајќи од производството на свежо млеко, а со тоа и губење на вработените во тој сектор, до производството на овошје од кое некогаш се произведуваа овошните сокови.
– Денеска во соковите, можете да најдете сѐ само не овошје. Трикови во мамењето на граѓаните има безброј, од користење на зборот „природно“ во името на производот до користење придавки и глаголи како име на производот „акција“, „растително“, кои ги збунуваат граѓаните, па и користење многу ситни букви како образложение за составот на пакувањето што 90 отсто од граѓаните не можат да ги прочитаат – објаснува Станковски.

Тој додава дека во долгогодишното пчеларското работење се соочил и сѐ уште се соочува со проблемот на гликоза во тегла, изразот „фалсификат мед“ е погрешен, содржината што се наоѓа во теглата нема никаква поврзаност со пчелите или со пчеларите.
– Тоа е најчесто гликоза произведена од пченка и која се увезува за потребите на слаткарското производство и кондиторската индустрија. Цената на берзата на таа гликоза, чиј најголем производител е САД, а таму 90 отсто е генетски модифицирана, изнесува 15-20 денари. Од тоа може да се заклучи каков бизнис лежи во продавањето гликоза во тегла, наспроти пчеларите што продаваат мед – истакна Станковски.

Тој нагласува дека во Битола одредени лица на пазарот продавале мед по цена од 190 денари. Бидејќи им го руши бизнисот, тие го пријавиле тоа кај инспектор. По неговото излегување на терен тој ги информирал дека е сѐ во ред со нивната продажба бидејќи на теглата на дното со ситни букви пишувало дека е тоа „производ од мед“, а не чист мед. Со тоа тие пред законот се чисти.

Според пчеларите од Делчево и од Македонска Каменица, увезениот мед што се продава во маркетите за 200 денари е фалсификат.
– Тоа не е мед, тоа се сахариди со примеси од што најмногу страдаат граѓаните. Цената, пак, од 200 денари му конкурира на нашиот домашен мед, кој е чист и вистински и кој луѓето го употребуваат за здравје. Оттука штетата е двострана, и на сметка на потрошувачите и на производителите – нагласува Јован Медарски, претседателот на здружението на пчелари „Пијанечка пчела“ од Делчево.

Како што вели претседателот на Здружението на пчелари од Македонска Каменица, Боге Јанковски, со увозот на медот се поттикнува нелојална конкуренција.
– Апелирам граѓаните да не купуваат такви производи бидејќи тоа не е мед и не може да се споредува со нашиот планински мед. Минатата година малопродажната цена на медот беше 240 денари, а годинава со овој увезен мед цената падна на 200 денари – вели Јанковски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close