Од понеделник исплата на субвенциите?
Земјоделците парите од субвенциите најверојатно ќе ги добијат од понеделник. Вака вели Игор Златков новоназначениот директор на Платежната агенција кој официјално утре ќе стапи на својата функција. Првично беше најавено исплатата на субвенциите да продолжи неделава, но тоа се пролонгира со назначувањето на Златков за нов директор на Платежната агенција.
Тој вели дека утре очекува да се заврши процедурата во Централниот регистар и исплатата да стартува во понеделник. Утре треба да го депонирам потписот во Централниот регистар. Списоците се веќе направени и тие списоци се за исплати на субвенции од 2015 и од 2016 година, вели Златков.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Антикорупциската комисија веќе даде позитивно мислење за реализација на финансиската поддршка, средствата се обезбедени, преостанува уште Златков да го депонира потписот во Централен регистар.
И производителите потврдија дека добиле ваква информација од МЗШВ поради што, велат, средбата што требаше да се одржи во понеделникот со ресорниот министер Михаил Цветков, е одложена.
– По завршување на процедурите за депонирање на потписот на новиот директор на Платежната агенција во Централен регистар, очекуваме деновиве да почне исплатата на субвенциите, информираат од МЗШВ.
Иако земјоделците и дадоа рок на актуелната влада до почетокот на неделава да почне со исплата бидејќи во спротино ќе протестираат, сега им останува да почекаат уште неколку дена
– Во петокот Министерството ни соопшти дека денеска треба да се депонира потписот на новиот директор на Платежната агенција, а тоа значи дека наредните денови ќе почне исплатата на субвенциите, изјави претседателот на Федерацијата на фармери Никола Стаменов.
Исплатата на субвенциите беше стопирана по последните парламентарни избори поради различното толкување на Изборниот законик. За надминување на проблемот, МЗШВ изготви предлог-измени, но на владината седница на која тие се разгледуваа, беше заклучено Антикорупциската комисија да се произнесе околу можноста за реализација на поддршката откако ќе ги согледа сите законски решенија кои го регулираат овој процес.
Субвенциите за 2016 година треба да се исплатат најдоцна до 30 јуни годинава, а за финансиска поддршка на земјоделството во 2017 година се обезбедени 100 милиони евра.