Руското ембарго кон Турција ни донесе поевтини мандарини, портокали и домати од лани
Забраната на Русија да увезува турски земјоделски производи е главната причина за ниската цена на овошјето и зеленчукот кое се продава по маркетите и пазарите. Но, освен од Турција, кај нас последниве неколку месеци има земјоделски производи и од европските земји, кои поради неможност да се пласираат во Русија, завршуваат кај нас и кај соседните балкански држави.
Свежи краставици за 69 денари, домати за 90 и 100 денари, костени за 70 до 100 денари, мандарини за 40, портокали за 30 денари. Среде зима цените на овошјето и зеленчукот се ниски како во ек на домашно производство. Забраната на Русија да увезува турски земјоделски производи е главната причина за ниската цена на овошјето и зеленчукот кое се продава по маркетите и пазарите. Но, освен од Турција, кај нас се последниве неколку месеци на трпезите сервираме и шпански кромид и компир, француско грозје и јагоди и тоа по многу пониски цени за разлика од ланските. Причината е повторно руското ембарго. Наместо на нивен пазар, европските свежи производи завршуваат кај нас и кај соседните балкански држави. Официјалните податоци од Министерството за економија велат дека само во ноември лани во земја влегле околу 18 отсто повеќе зеленчук во однос на истиот месец претходната година.
Пониски цени во јануари
Официјалните податоци покажуваат дека во ноември има зголемен увоз кај зеленчук за околу 18 отсто. Во Министерството за економија велат дека вкупниот увоз на овошје во периодот јануари-ноември 2015 година изнесува 49.803 тони и е во вредност од 31.884.544 евра. Само во ноември увезено е 6.571 тони овошје во вредност од 3.860.471 евра и истиот е намален за 7,6 проценти во однос на увозот во истиот месец од 2014 година кога е увезено 7.109 тони во вредност од 3.811.736 евра велат во Министерството.
Неофицијално се потврдува дека драстично зголемување на увозот на овошје има во декември, но тие податоци ќе ги имаме до крајот на овој месец. Во јануари, пак, се очекува уште поголем увоз поради тоа што се користат квотите од Турција, а цените се очекува да бидат уште пониски. Посебно кај јужното овошје.