fbpx
Вести

Ниската откупна цена на јагнешкото ќе ги испразни трлата

jagnesko

Сточарите велат дека со откупна цена од 120 денари за килограм јагнешко не можат да ги покријат трошоците и тоа е причина да ги намалат стадата.

Сточарите и годинава не се задоволни од откупната цена на јагнињата, иако нудат квалитет кој се проби на еворпскиот пазар. Тврдат дека со откупна цена од 90 до 110 денари не можат да ги покријат производните трошоци.

– Откупната цена годинава се движи од 90 до 110 денари, иако реалната производна цена за килограм јагнешко, што би требало да биде и најниска откупна цена, е 150 денари – вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Минатата година, вели Шаклев, јагнињата се отпупувале по цена од 160 денари за килограм, а годинава зависно од квалитетот и тежината цените се далеку пониски.

– Ако лани за едно јагне од 15 килограми сточарите добиваа 3.000 денари годинава за истото добиваат 2.000 денари што е неисплатливо бидејќи не може да се покрие трошокот за одгледување, а не да се заработи нешто. Јагниња до 20 килограми се плаќаат по 110 денари за килограм. Јагниња до 25 килограми се 100 денари, додека, пак оние над 30 килограми се 90 денари за килограм. Оние од 30 килограми веќе не се исплатливи ниту за производителите ниту за откупувачите кои целокупните количини ги изврезуваат – вели Шаклев.

Годинава, вели Шаклев, проблем било и тоа што немало побарувачка на јагниња и тоа влијаело на ниската цена.

Сточарите се жалат и дека немаат земено ниту субвенции, кои за возрасна овца изнесуваат 1.000 денари, а за женско јагне 1.700 денари. Дополнително, долгата студена зима и засилената исхрана на животните им направи големи долгови. Тоа беше причина на почетокот на годинава да побараат и дополнителна субвенција од 40 денари за килограм жива мера за предадено јагне во регистрирана кланица.

Големите проблеми со кои се соочуваат секоја година, со неорганизираниот откуп и необезбедените пазари, придонесуваат дел од нив да размислуваат да го намалат сточниот фонд или да ги продаваат стадата.

Лани пред католичкиот Велигден беа извезени 224.000 јагниња, најмногу во Италија, Германија, Австрија и во земјите од регионот. За годинава сè уште нема точни податоци.

Јагнешко во месарниците во земјава и ретко се нуди. Цената е 320 денари за килограм, но со оглед на претстојниот празник цената може и да порасне.

Во извозот на земјодлески производи, овчарството е трето по ред. Просечно годишно се продаваат речиси 2.500 тони јагнешко и овчо месо.

Лани во Македонија биле регистрирани околу 800.000 овци и јагниња.


 

инфоплус

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close