fbpx
Вести

Пропаѓа македонското сточарство

ovci

Пред колапс е македонското сточарство. Фармерите се доведени на работ на егзистенција бидејќи откупната цена на стоката е смешна, а субвенции нема. Спасе Тодоровски од велешкото село Војница одгледува стадо со 500 овци. Вели дека четири години не земал субвенции од државата.

„Четиринаесетта, петнаесетта, шестнаесетта неисплатена, дури седумнаесетта треба да пријавиме, а не кажуваат дека некој ги земал, дека бил исплатен. Каде се субвенциите, не  знаел англиски, ние разбираме македонски, во Македонија живееме, за да го потпише нашето право, нашите пари, нашите маки“, изјави Спасе Тодоровски.
Сточарите, кои се собраа во Велес, се жалат дека во земјава има само еден откупувач кој држи монопол и ги уценува сточарите својата стока да ја предаваат по ниска цена. Слично е и со волната чија откупна цена е 20 денари по килограм.
„Смешна цена, 20-30 денари, толку смешна цена што не можеме да најдеме човек да ја истриже волната за да се откупи. Едно јагне 80 денари – посмешна цена не може да има“, изјави Ѓоко Велков, сточар од Кавадарци.
„Принудем сум да продавам негде околу 100 овци за да можам да излезам од таа криза“, изјави Митко Јанков – сточар од Велес.
За нивниот проблем запознат е и министерот за земјоделие Михаил Цветков кој, освен ветување, не направил ништо, се жалат сточарите.
„Оваа година со таа цена тие веќе се во загуба а бидејќи има негде околу 600 – 700 илјади грла овци, само пресметката е дека од едно јагне од 20 килограми се изгубени негде околу 20 евра, по 600 илјади може да пресметате колку тоа чини. Сето тоа е слеано во џебот на откупувачите“, изјави Љупче Станковски од здружение „Агрофаланга“.
Сточарите кои во Велес одржаа состанок им дадоа рок на институциите до 15. мај да ги исполнат нивите барања, во спротивно најавија протести и блокади. Се заканија дека ќе ја пуштат нивната стока да пасе по тревниците пред државните инситуции во Скопје.
Тагови

Слични написи

Back to top button
Close