Винарската визба „Тиквеш “ ја купи гевгелиската винарија „Винојуг“, дознава еМагазин. Нашата информација ја потврдува и Централниот регистар.
Имено, Централниот регистар објави дека АД за производство и промет на вино винарска визба „Тиквеш“ е новиот сопственик на Друштво за производство и трговија на вино, ракија, оцет и останати алкохолни и безалкохолни пијалоци ДООЕЛ „Винојуг“ ВВТ Гевгелија.
Промената на сопствениците во гевгелиската винарска визба во Регистарот е објавена минатиот петок.
Управител на „Винојуг“ е назначен Звонко Трајков од Кавадарци, кој и досега менаџираше со винаријата.
„Винојуг“ е претпријатие за производство, преработка и трговија со основни дејности лозарство, овоштарство и поледелство. Во склоп на компанијата работат освен винаријата и ладилник, амбалажерка, шпедиција и механичка работилница.
Во винаријата од белите вина најмногу се застапени смедеревка, јоска ,рајнски ризлинг вкупно 3.000 литри ,а од црвените вина теран, вранец, тешкото, кадарка, хамбург и македонско розе вино со вкупна литража околу 7.000 литри. „Винојуг“ е формирана 1952 година.
Освен „Винојуг“, Светозар Јаневски кој е мнозински сопственик и претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“ минатиот месец преку компанијата „М-6 Еден“ која е во негова сопственост стана закупец на Белградската индустрија за пиво (БИП).
Според српските медиуми понудата на „М-6 Еден “ за закуп на БИП изнесува 912 илјади евра годишно.