Завршија проценките на комисиите за штетите до мразот во кочанско
По поднесените барања од страна на земјоделците за настанатата штета од мразот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Подрачна единица во Кочани како и од општините Кочани и Чешиново Облешево, беа формирани две комисии кои што излегоа на терен со цел утврдување на настанатите штети во периодот од 21 и 22 април.
По направениот увид на терен Подрачната од Кочани денеска излезе со информација за настанатата штета во која се истакнува дека најголем дел од поднесените барања за штети од мразевите се однесуваат за измрзнати лозови и овошни насади.
– Вкупно имавме добиено 480 барања за проценка на направена штета од граѓаните на општините Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево, така што двете комисии составени од МЗШВ излегоа на терен ги проценија штетите, изјави Јордан Димитров раководител на ПЕ на МЗШВ Кочани.
Штетите се најголеми и се движат од 80 до 100 проценти кај лозовите и овошните насади, а најголеми штети кај лозовите насади се констатирани во атарот на селата Бурилчево, Кучичино и Бања, а за овошни насади посебно вишните во најголем процент се уништени во селата Теранци, Спанчево и Бурилчево, информира Димитров.