fbpx
Вести

Дождовите успеаја да ја спасат само доцната сеидба

zemjodelci

Земјоделците прогнозираат дека приносите ќе бидат многу пониски од ланските, а во некои региони воопшто нема ни да има жетва. Сепак, експертите сметаат дека се уште не може со сигурност да се каже колкави ќе бидат приносите и колкав род е се собере годинава. Треба да заврши жетвата па потоа да видиме дали и колку пченица ќе треба да увеземе

Сушата му пресуди на годинешниот род, но врнежите успеаја да ја поправат состојбата и да го подобрат приносот на доцната сеидба. Земјоделците прогнозираат дека приносите ќе бидат многу пониски од ланските, а во некои региони воопшто нема ни да има жетва. Доколку проценките за приносите се исполнат, тогаш за да се задоволат домашните потреби ќе треба да се зголеми и увозот на пченица, што може да доведе до пораст на цените на финалните производи од жито односно на лебот.

Сепак, експертите сметаат дека се уште не може со сигурност да се каже колкави ќе бидат приносите и колкав род е се собере годинава. Треба да заврши жетвата, па потоа да видиме дали и колку пченица ќе треба да увеземе.

– Никој не може со сигурност да прогнозира се додека не се заврши жетвата. Секако дека некои во некои парцели ќе бидат полоши, но не знаеме колку се додека не заврши жетвата. Сите региони не се погодени од суша. Наниски приноси ќе има во Светиниколско, каде што имаше најголема суша, вели Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори.

Тој додава дека има региони кои годинава помина многу добро поради примена на добро семе, ѓубриво и соодветни агротехнички мерки, како што е случајот во Долнени – Прилепско каде што беа засадени 250 хектари тритикале и 150 хектари житарки.

– Она што е карактеристично годинава е што во најголем дел беа погодени раните сеидби, додека касните се извлекоа со дождовите. За да се намали влијанието на климатските промени, односно сушата врз приносите во иднина треба да се оди на менување на роковите. Треба да има рана, средна и касна сеидба, да се садат одредени сорти на пченица кои се поотпорни на суши и примена на соодветни ѓубрива и агротехнички мерки, смета Оровчанец.

Покрај сушата земјоделците велат дека причината за намалените приноси се и немањето на доволно средства за да можат да ги применат сите потребни агротехнички мерки и да спасат дел од родот. Тие додаваат дека доколку и оваа година откупната цена на житото биде на ланското ниво кога килограм жито се откупуваше од од пет до осум денари, ќе го преполоват производство или комплетно ќе се преориентираат кон други култури.

– Се очекуваат приноси од 20 отсто или околу 1.000 килограми од хектар, што е катастрофа во однос приносите од претходните години од 3.000 килограми по хектар. Земјоделците да поднесат барање, да се формираат комисии за проценка на штети кои на терен ќе ја утврдат состојбата. Ако се процени дека има штети и житото не може да се жнее, тогаш бараме во најмала рака да се покријат вложените средства за производство, а тие што имаат државно земјиште да не плаќаат закуп, да не се плаќа водарина, вели Ефтим Шаклев, од Асоцијацијата на земјоделци.

Од Федерацијата на фармери на Република Македонија, бараат минимална заштитна цена на пченицата од 12 денари за килограм, интервентен откуп да има од почетокот на јули, договорите меѓу земјоделците и откупувачите да се склучуваат пред жетва, а субвенциите да се исплаќаат пред есенската сеидба.

Инаку лани од 80.000 хектари насеани со пченица родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва 2015 година. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар. Површините со пченица од 2005 година досега бележат намалување. Во 2005 година имаше 108 илјади хектари со пченица, а сега се намалени на околу 73 илјади хектари. Дел од домашните потреби за пченица, односно околу 150.000 тони се покриваат од увоз.

Според податоците од Државниот завод за статистика за увоз на жита и преработки од жита трошиме околу 70 милиони евра.


 

вечер.мк

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close