ССК: Државата да откупи 50.000 тони пченица од годинашниот род
Агро бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) предлага државата преку Бирото за стокови резерви да откупи 50.000 тони од годинашниот род на пченица по 12 денари за килограм и да ги чува до ноември или декември годинава за кога очекуваат дека ќе порасне цената на пченицата.
Од Комората велат дека причина за нивното барање се очекувањата за значително помали приноси особено во споредба со минатата година, а во одредени региони од земјата дури и да нема жетва. Тоа, според нив, се должи на лошите временски услови, но и недоволната примена на агротехничките мерки за да може да се спаси родот.
– Очекуваните приноси годинава од пченицата се преполовени во споредба со минатата година. Во вакви услови за стабилизирање на пазарот, препорака е да се изврши интервентен откуп на пченицата од страна на Бирото за стокови резерви, пред стартот на откупот за да бидат заштитени сите страни и да има стабилност на пазарот, рече претседателот на Агро бизнис комората Огнен Оровчанец на денешната прес-конференција.
Нагласи дека е битно да се собере секое зрно, бидејќи, како што рече, ако се зголеми откупот, автоматски интересот за сеидба за следната сезона ќе се зголеми, а со тоа и површините со житни култури.
– Предлагаме доколку има потреба да се субвенционира лагерување во постоечките капацитети. На овој начин, цената на пченицата и јачменот по завршувањето на жетвата и сместувањето на количините ќе биде 20 до 30 проценти повисока, рече Оровчанец и додаде дека е вообичаено во случаи на намалено домашно производство да има пораст на цените на финалните производи.
Препорача во иднина примената на агротехничките мерки да биде задолжителна, особено поради изразените климатски промени.
– Искуството покажува дека на блиски локации во соседството, површини кај кои се применети најсовремени агротехнички мерки дадоа добри приноси и покрај временските неприлики за разлика од оние на кои не беа применти. Веќе нема дилема дека е повеќе од неопходно користењето на современа технологија со цел да се задржи конкурентноста и да го подобриме квалитетот на приносите, рече Оровчанец.
Како позитивен пример кај нас ја посочи компанијата „Везе шари“ која на површини од 550 хектари во Прилепско, со примена на современи агро-технички мерки очекува солидни приноси кои потоа ги користи за сопствени потреби.
– Пченицата и пченката дадоа добар квалитет и солидни приноси кои очекуваме да бидат преку 50 тони силажа од пченка и преку 7 тони на хектар, пченица, рече Даниела Настова Пиштолова член на УО на Агро бизнис комората и претставник на „Везе шари“.
Горан Ѓорѓиевски, заменик претседател на Агро бизнис комората, кој доаѓа од мелничко пекарската индустрија, вели дека доколку имаме ситуација на зголемување на цената на пченицата, тоа ќе значи зголемување на цената на брашното, а со тоа и на лебот.
– Треба да се напомене дека поради лошата сезона можно е да потфрли и квалитетот на пченицата. Затоа дел од мелничарите се одлучуваат за увоз на поквалитетна пченица по иста цена со домашната, изјави Ѓеорѓиевски, кој е генерален менаџер на пекарницата „Специјал“.
Според официјалните податоци, минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва 2015 година. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар. Просечната откупна цена на пченицата лани изнесуваше од 8 до 9 денари за килогрм, а брашното чинеше 12 денари за килограм.