fbpx
Вести

Околу 90 отсто штети кај вишните од невремето во делчевско

visni

Штети на вишновите насади предизвика синоќешното невреме проследено со град, дожд и силен ветар во делчевско.

Според земјоделците, најголеми се штетите во Тработивиште, Вирче, Град и Петрашевец, додека 50 до 90 отсто се уништени насадите на комбинатот „Рудине ММ“.

– Од утрово бевме на терен по сите вишнови насади и глетката е очајна. Она што се спаси од пролетниот мраз го доуништи градот. Не памтам вакво невреме последниве две децении. Штетите се големи. Од насадите во Петрашевец очекувавме 250 тони вишни, сега оштетувањето е околу 70 – 80 проценти. Во атарот на Тработивиште на насадите со површина од 25 хектари, штетите се до 50 отсто, а во атарот на Вирички преод дури 90 отсто, рече Мирко Гоцевски, агроном од „Рудине ММ“, за Курир .

Тој додаде дека бербата на вишната планирале да ја почнат кон крајот на неделава. – Овие што се останати ќе се обидеме од утре да ги собереме, оти ќе скапат и може само да се користат за сокови. Пролетта, мразот ни го преполови родот, а сега и градот. Ова ќе е тешка година за овоштарите, бидејќи се евидентни штетите и кај насадите со сливи, истакна Гоцевски.

На штети на земјоделските култури се жалат и жителите од делчевско Тработивиште, каде се уништени насадите со царевка, грав, зелка.

Подрачната единица на Минстерството за земјоделство потврдува дека има евидентни штети од синоќешното невреме, но дали ќе има обесштетување, ќе одлучи МЗШВ.

Пролетниот мраз го уништи за 50 отсто родот на вишните во регионот каде во добра година се добиваат над 2.000 тони вишни.


 

бриф.мк

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close