Високите температури без големо негативно влијание врз земјоделството
Невообичаено топлото време во овој период од годината што ја зафати Македонија не е алармантно за земјоделските култури.
Според агрометеоролозите, под ризик се можеби овошките и виновата лоза, но и тоа е речиси исклучено зашто веќе од петок се најавува пад на температурите.
Врз есенските посеви, пак, промените на временските услови немаат никакво влијание.
– Досега немаше екстремно ниски температури, па скоро цело време, од сеидбата до сега, пченицата вегетира, расте. Касно поникна и во презимување влезе во ниски фази на развој, вели агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР.
Во јужните делови на Македонија има процветани овошки, процвета и рузмаринот што не е вообиачено за овој период од годината. Ако се задржат повисоките температури, додава Ангелески, можно е да процветаат и други култури. Сепак, прекраток е периодот на топлото време.
– Вакви температурни услови во јануари се регистрирани и во други години, но бидејќи траат недоволно долго, не можат да предизвикаат какви било драстични влијанија. Од петок повторно се очекува намалување на температурите, додава Ангелески.
УХМР вчера забележа 18 степени во Битола каде во овој период од годината се вообичаени -18, што е разлика од околу 35 до 36 степени.