fbpx
Вести

Системите за наводнување подалеку од далеководите

navodnuvanje

Земјоделците од источниот регион во екот на наводнувањето на земјоделските површини да внимаваат како ги поставуваат цевките, односно системите за наводнување и распрскување што се во близината на далеководните траси, апелира портпаролот на АД МЕПСО, Никола Стојанов.
– Оние што поставуваат системи за распрскување и наводнување да не заборават дека водата е спроводник на електрична енергија и дека секогаш може да направи штети во контакт со електричната енергија и со телото на човекот, а некогаш и катастрофални последици по здравјето и животот на луѓето – вели Стојанов.

Тој на земјоделците им посочи никогаш да не поставуваат распрскувачки под трасите, секогаш да ги избегнуваат и да ги поставуваат подалеку од далеководите, но исто така да внимаваат и на правецот и на силината на ветерот.
– Наедно сакаме да истакнеме во текот на жетвата да избегнуваат поминување под проводниците на далеководите со робусна земјоделска механизација, комбајни или големи трактори. Заради тоа што се изложуваат на опасност, но ги изложуваат на опасност и лицата што се во нивна близина – нагласи Стојанов.

Тој истакна дека благодарение на кампањите и на медиумите од 2013 година нема несреќни случаи под далеководите во источна Македонија. Последниот случај што завршил фатално за земјоделец од светиниколскиот регион бил пред пет години. Стојанов истакна дека земјоделците не треба да ги палат и нивите по жетвата што се во непосредната близина на далеководите.
– И со тоа може да предизвикаат штета на далеководите, кои се заштитени со системи за заштита и тие реагираат на зголемена температура, со тоа може да дојде до исклучување на далеководот, до преоптоварување на мрежата, со што се нарушува безбедноста и стабилноста во работењето со електропреносниот систем – вели Стојанов.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close