Кумановските земјоделци аплицираат за субвенции
Земјоделците од поширокиот кумановски регион се заинтересирани и поднесуваат барања за субвенционирање во подрачната единица на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство.
Земјоделците од Куманово, Липково и Старо Нагорирачане најмногу аплицираат за субвенционирање за житни, градинарски култури, за овоштарство и сточарство, информира раководителот на подрачната единица на министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Насер Даути.
– Земјоделците можат да поднесат барање и во електронска форма.Тие што не се во можност од нивните домови да поднесат барање, можат да аплицираат и во подрачната единица, но претходно треба да ги проверат податоците во единствениот регистар за земјоделски стопанства и да ги ажурираат податоците во ветеринарните друштва со кои сточарите имаат склучено договори, изјави Даути.
Земјоделците кои поднесуваат барања за финансиска помош од државата добиваат бесплатна помош во потполнување на апликациите од операторите во подрачната единица.
– Апелирам до земјоделците кои поднесуваат барање во електронска форма од дома, првин да ги проверат податоците посебно за крави, овци, пчели, кози со неофицијално барање. Со такво барање тие ќе бидат во можност да ја проверат бројката, бидејќи има промени на податоците за добитокот, посебно на ситниот добитокот, кој веќе не е регистриран во одгледувалиштето на подносителот, туку во друго одгледувалиште, поради продажба и движење во тековната година, објасни Даути.
Според податоците со кои што располага подрачната единица на Министерството за земјоделство во Куманово, во единствениот регистар на земјоделски стопанства евидентирани се над 6.000 земјоделци од регионот на трите општини, кои што секоја година аплицираат за различни мерки што се предвидени за субвенционирање од страна на Владата, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделство и руралниот развој. Програмата за поднесување на барања во земојделството почна на трети јули, а ќе трае до 15-ти септември годинава.