fbpx
Вести

Квалитетно сурово млеко – предуслов за квалитетни производи

kravi

Минатата недела се одржа посета на краварската фарма Дуброво која со 160 грла молзни крави и дневна испорака на преку 3000 литри млеко, е најголемиот кооперант на млекарницата Бимилк.

Посетата на фармата Дуброво беше со цел да се најават новите инвестиции во примарното производство на млеко за обезбедување на квалитетна суровина, но и да се потенцираат активностите и мерките кои Бимилк ги презема за поддршка на своите кооперанти.

Љатиф Бејаз, сопственик на фармата, вели дека до крајот на годината планираат да стигнат и до 5000 литри млеко на ден, а ги најави и новите планирани инвестиции.

„Покрај 160-те грла молзни крави, располагаме и со уште нови 170 стелни јуници и телиња, а планираме и ново зголемување на сточниот фонд. Во поблиска иднина планираме и друга инвестиција. Нашата цел за 2018 година е инсталација на централно молзилиште и унапредување на нашата комплетна механизација со цел да стигнеме до нашата крајна цел, а тоа е 10 тони млеко на ден“, изјави Љатиф Бејаз.

„Битолска млекара е најголемиот млекопроизводител во Македонија и среќен сум што тие го откупуваат нашето млеко, за кое гарантирам дека е со највисок квалитет. Суровото млеко од краварската фарма Дуброво има под 100.000 микроорганизми во милилитар млеко и под 200.000 соматски клетки, што според регулативата спаѓа во Екстра класа на сурово млеко“, додава тој.

Меѓудругото, г. Бејаз го потенцираше и најчестиот проблем кај млекопреработувачите, а тоа е недостигот од квалитетно сурово млеко. Тој вели дека во Битолската млекара гледа како на партнер кој постојано инвестира во фармата со цел да се зголеми нивната ефикасност.

Всушност, унапредување на квалитетот на примарното производство на млеко т.е. сировина, преку континуирано инвестирање во своите кооперанти, е главната цел на Бимилк.

Директорот на суровина во Бимилк Драган Илиевски, вели дека Бимилк, како најголем млекопроизводител во земјата, континуирано инвестира во македонската млечна индустрија на повеќе различни начини, но првенствено токму преку поддршка и вложување во примарното производство на млеко.

„Важно е да се напомене дека кога има недостиг на млеко на пазарот, веднаш паѓа квалитетот затоа што млекарниците се борат да го откупат секој грам од фармерите. Знаејќи го ова, ние континуирано вложуваме во квалитетот на суровото млеко и во стимулативни мерки за што поголемо млекопроизводство и истовремено, ги откупуваме сите расположливи количини на млеко од нашите кооперанти кои ги задоволуваат најстрогите стандарди“, рече Драган Илиевски.

Од најважните инвестиции тој ги истакнува пред сѐ увозот на 1.300 јуници од земји од Европската унија за партнерите кооперанти на Бимилк. Само во последните неколку години, на овој начин, млекарницата успеа да го зголемиме откупот на сурово млеко за 30 проценти.

„Понатаму, минатите години доведувавме консултанти, фармери-специјалисти по менаџмент на фарми од Холандија, а пред неколку години инвестиравме преку 700.000 евра во системот за ладење на млекото на откупните места (лактофризери). Првата фаза со лактофризерите е веќе зад нас и успешно завршена, а во меѓувреме  инвестираме во знаење. Дополнително, даваме поддршка и сервис на фармерите во купување на земјоделска опрема, опрема за молзење и сточна храна“, додаде директорот на суровина на Бимилк, г-дин Драган Илиевски.

Бимилк влегувајќи во овој проект го искористи сопствениот финансиски потенцијал со цел да се подигне производството на сурово млеко во Македонија. Со оглед на фактот дека примарното производство на сурово млеко е ограничувачки фактор на растот на нашето производство, од Бимилк велат дека на ист начин ќе продолжат да инвестираат и во иднина.


 

денар.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close