fbpx
Вести

Сушата ќе го преполови родот на тутунот во Прилепско

susa

Неповолните временски услови не им одат во прилог на прилепските тутунари. Тие стравуваат дека родот ќе им биде преполовен, додека пак експертите според првичните проценки сметаат дека штетите се веќе евидентни. Инаку тутунските насади главно се наводнуваат преку хидросистемот од вештачкото езеро каде, вода има само за уште едно наводнување на околу 1.400 хектари земјоделска површина

Екстремно високите температури неповолно влијаат врз годинашниот род на тутунот. Прилепските тутунари стравуваат дека родот ќе им биде преполовен, додека пак експертите според првичните проценки сметаат дека штетите се веќе евидентни.

– Моменталната ситуација е многу лоша и ако продолжат ваквите временски услови, да нема дожд штетите можат да бидат многу големи. Тутунот веќе е во напредна берба, односно веќе во тек е четврта берба кога се бере квалитетниот тутун. Со оваа берба производителите веќе можат да си го вратат вложеното. Но ако остане ваква ситуацијата со временските услови најквалитетниот тутун ќе остане по нивите и бербата ќе се реализира само 50 отсто. Но се уште е рано за вакви прогнози бидејќи е почеток на август и се надеваме на дожд кој ќе биде добредојден како за тутунот, така и за другите култури, велат експертите.

Инаку тутунските насади во Прилепско главно се наводнуваат преку хидросистемот од вештачкото езеро каде, исто така, се чувствуваат последиците од високите температури. Вода во акумулацијата има само за уште едно наводнување на околу 1.400 хектари земјоделска површина.

Минатата година родот на тутунот во Македонија изнесуваше 25.000 тони од кои повеќе од половината беа произведени во Пелагонискиот регион.

Инаку на почеток на јули на тутунарите им беа исплатени субвенциите од едно евро за тутунот од ланската реколта. За откупените 25.000 тони, тутунарите добија 25 милиони евра од државата или заедно со постигнатата откупна цена вкупно по 4 евра за килограм.

Поради добриот квалитет на ланскиот род и поради добрата откупна цена која ја добија, земјоделците решија годинава да го зголемат производството.

Тие направија за 250 договори за производство и продажба повеќе од минатата реколта и планираа да насадат тутун на површина поголема за 700 хектари.

Монополите брзаа да направат што повеќе договори со тутунарите, а колкав ќе биде родот ќе зависи од временските услови до крајот на бербата иако според планираното се очекува тој да биде приближно исто колку ланскиот, околу 26.000 тони.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close